Connect with us

Свет

СЗО побара од Русија информации за уште еден лабораториски работник со пневмонија

Светската здравствена организација (СЗО) побара од руските власти информации по медиумските извештаи дека уште еден лабораториски работник боледува од пневмонија од неутврден причинител.

СЗО, исто така, побара дополнителни податоци за да се разјасни причината за тешката пневмонија и да се утврди патогенот што довел до воведување мерки за јавно здравје, објавија британските медиуми.

Руската служба за здравствен надзор вчера објави дека не се регистрирани случаи на чума кај лицата кои биле во контакт со лабораторискиот работник на Институтот за проучување на антракс, кој почина минатата недела.

Лабораториски работник во Истражувачкиот институт за борба против чума во Иркутск, на југоистокот на Сибир, почина на 2 октомври под сè уште нејасни околности, а причината за смртта беше „пневмонија со непозната етиологија“.

Дарија Шипилова (28), која работеше во истражувачки институт, скрши епрувета со патогенот на пневмонична чума на 25 септември, објавија претходно локалните медиуми. Таа, потоа, беше примена во болница на 29 септември со симптоми на тешка пневмонија и почина ноќта помеѓу 1 и 2 октомври.

Руските власти соопштија дека не пронашле докази дека нејзината болест е предизвикана од кој било од патогените со кои работела и рекоа дека ситуацијата е под контрола.

Болницата каде што била лекувана работничката била ставена во карантин, додека околу 200 лица кои биле во контакт со неа биле подложени на строг медицински надзор.