Свет
Поранешен тајландски монах доби 742 години затвор за финансиски скандал и перење пари
Тајландскиот Централен кривичен суд за случаи на корупција и недозволено постапување го осуди поранешниот монах Алонгкот на вкупно 742 години затвор, додека Бии, кој се претставувал како духовен медиум, доби затворска казна од 386 години и 1.480 месеци, во случај поврзан со проневера и перење пари од донации во вредност од над 10 милијарди бати (приближно 265,2 милиони евра) наменети за храмот „Ват Пра Бат Нам Пху“.
Алонгкот, порано познат како Пра Рача Висутипрачанат, и неговиот соработник Сексан Сапсубсакул беа прогласени за виновни по повеќе точки од обвинението за проневера и перење пари, објави АП.
Алонгкот доби вкупна казна од 742 години, а Сексан повеќе од 386 години, но обете казни беа автоматски намалени на законскиот максимум од 50 години. Дополнително, на двајцата им е наложено солидарно да вратат повеќе од 300 милиони бати.
Случајот започна по акцијата на Одделот за сузбивање на криминалот, кој ги уапси поранешниот монах и Бии под сомнение за корупција и пренасочување на донациите за храмот, како и за перење пари.
Во обвинението, Алонгкот се товари за злоупотреба на службената положба со цел проневера на имот, незаконско извршување или неизвршување на службените должности и за здружено перење пари. Бии, пак, беше обвинет за помагање на службено лице во проневерата и во незаконското постапување, како и за соучесништво во перењето пари.
Во рамките на истрагата, припадниците на Централното биро за истраги извршија претреси на 17 локации во Бангкок и во околните области, при што запленија имот вреден повеќе од 10 милијарди бати со цел да му биде вратен на храмот „Ват Пра Бат Нам Пху“.
По истрагата, иследниците побараа од судот да одреди притвор и се спротивставија на нивното пуштање со кауција, по што случајот беше препуштен на процесирање пред Централниот кривичен суд за случаи на корупција и недозволено постапување.
октомври 7, 2026
