Фудбал
Силва на 40-годишна возраст се враќа на фудбалскиот терен
Поранешниот шпански трофеен репрезентативец Давид Силва ќе се врати на професионалниот фудбал на 40-годишна возраст, откако потпиша за клубот од Хонг Конг, Суприм Ша Тин, јавија денеска шпанските медиуми.
Силва ја заврши својата професионална кариера во јули 2023 година, откако претрпе тешка повреда на предниот вкрстен лигамент.
„Официјално објавуваме дека легендарниот шпански играч од средниот ред Давид Силва се приклучи на тимот на Суприм Ша Тин. Наскоро ќе пристигне во Хонг Конг, ќе се приклучи на тренинзите и ќе работи на постигнување оптимална физичка форма пред да го направи своето деби“, објави клубот.
Силва потврди дека се радува на новиот предизвик.
„Многу сум среќен што му се приклучив на Суприм Ша Тин и едвај чекам да дојдам во Хонг Конг, да ја запознаам културата и луѓето, но и да уживам во фудбалот. Се радувам на моето пристигнување и ќе се видиме наскоро“, порача Силва.
Шпанецот ја заврши својата професионална кариера на 37-годишна возраст, освојувајќи една светска и две европски титули со Шпанија. Со Манчестер Сити, тој освои четири титули во Премиер лигата, пет во Лига купот, два во ФА купот и три во Комјунити Шилдс. Со Валенсија и Реал Сосиедад, освои по еден Кралски куп.
октомври 7, 2026
