Connect with us

Општини

Реконструкцијата на студентскиот дом „Браќа Миладиновци“ во Штип ќе почне оваа година, најави Јаневска

Државниот студентски дом „Браќа Миладиновци“ во Штип ќе се реконструира оваа година. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, денеска, при посетата на општините Штип и Карбинци, најави дека во тек е тендерската постапка за избор на фирма за реконструкција на овој дом.

– Овој студентски дом е во вториот лот. Во моментот е евалуацијата и мислам дека се ближи отворањето и штом ќе се заврши со тендерот, веќе ќе може операторот што ќе го добие тендерот да почне да работи. Очекувам уште во текот на оваа година – рече Јаневска. 

Прашана кога ќе почне реконструкцијата на Државното средно училиште (ДСУ) „Коле Нехтенин“ – Штип, кое е регионален електромашински училиштен центар, Јаневска вели дека сите државни регионални центри ќе бидат реконструирани и обновени за да имаат учениците соодветни услови за работа, а секако и наставниците. 

– Тоа значи седум, каде што реконструкцијата ќе биде поопсежна, и осмиот, каде што помалку ќе треба да се вложи. „Коле Нехтенин“ е првиот регионален центар во кој ние ќе почнеме со реконструкција. Во моментот се доработуваат проектите за сите седум регионални центри и веднаш штом ќе бидат завршени, ќе пристапиме кон операционализирање на она што треба – изјави Јаневска по пуштањето во употреба на спортската сала во ООУ „Димитар Влахов“ во Штип.