Свет
Израел ги засили безбедносните мерки пред 7 октомври Кац предупреди на жестока реакција при каков било напад
Израелската армија го подигна нивото на готовност поради можен напад на палестинското милитантно движење Хамас во Појасот Газа, во пресрет на годишнината од нападот на 7 октомври 2023 година, јави „Тајмс оф Израел“.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, денеска соопшти дека ѝ издал наредба на армијата да биде во состојба на целосна готовност врз основа на разузнавачки информации според кои Хамас би можел да се обиде да изврши нови напади. Кац наведе дека израелската армија мора да се подготви за најлошото можно сценарио и дека „треба да се преземат решителни мерки како одговор на какви било разузнавачки информации или предупредувања за да се спречи секоја закана“. Тој додаде дека доколку израелските сили претрпат загуби, „Хамас и населението на Газа ќе платат висока цена“.
На еврејскиот верски празник Симхат Тора (Радост на Тората), на 7 октомври 2023 година, околу 6.000 припадници на Хамас и на уште неколку вооружени групи ја пробија бариерата меѓу Газа и Израел и извршија серија напади врз воени бази и населени места. Во нападите се убиени околу 1.200 луѓе (главно млади луѓе), а над 2.400 беа ранети. Хамас киднапираше и 251 Израелец и ги одведе во Појасот Газа. Дел од заложниците подоцна беа ослободени како резултат на преговори, но повеќе од 70 киднапирани починаа во заробеништво.
Како одговор на тој напад, Израел започна офанзива и копнена инвазија врз Појасот Газа. По израелската офанзива кон крајот на август 2025 година, Хамас го прифати американскиот план за прекин на конфликтот и за враќање на заложниците. Минатата година, исто така на годишнината од нападот, припадници на Хамас истрелаа ракета од Газа кон пограничната израелска населба Нетив Хасара, но оттогаш ниту една ракета истрелана од Газа не ја преминала израелската територија, наведува израелскиот медиум.
Според последните податоци на Министерството за здравство во Газа и израелските власти, во војната меѓу Хамас и израелската армија загинале околу 73.000 Палестинци и околу 2.000 Израелци.
октомври 7, 2026
