Свет
Д-р Пински: Случајот со Шипилова е малку збунувачки
Случајот со Дарја Шипилова ги зголеми стравовите од биолошко оружје. Смртта на лаборантката во Институтот за борба против чумата во Иркутск, која, според официјалните информации, почина од пневмонија со непозната етиологија, ги зголеми шпекулациите дека најверојатно патогенот бил изменет, односно било развивано биолошко оружје.
Доктор Дру Пински за „Њузмакс“ (Newsmax) наведе дека иако белодробната чума се пренесува од човек на човек преку респираторни капки, не е толку лесна трансмисијата на бактеријата јерсинија пестис, како и дека нема причина за страв бидејќи сите видови чума се лекуваат со антибиотици, но оти е клучно со третманот да се почне што е можно побргу.
Според Пински, случајот со Шипилова е малку збунувачки бидејќи лаборантката не можела да се зарази од скршената епрувета, дури и „да ја ставила во уста“. Тој претпоставува дека Шипилова била изложена на невообичаено голема доза и затоа нејзината состојба бргу се влошила и покрај третманот.
– Раниот третман е клучен во сите овие случаи, но кај оваа аеросолна верзија изгледа дека таа била изложена на толку голема доза, така што антибиотиците не дејствувале. Тоа е сосема поинаква ситуација, но би требало да може да се стави под контрола – наведе Пински.
На прашањето дали инцидентот вклучувал форма на чума наменета за оружје, тој истакна дека е за очекување руската лабораторија за борба против чумата да поседува примероци од оваа болест. Според него, не е изненадувачки да се истражувале верзии на бактеријата со оглед на тоа што во Русија има 65.000 луѓе што работат со биолошки материјали.
– Важно е да се запамети дека е доволен само еден патник во авион и работите навистина би можеле да излезат од контрола. Сепак, во овој случај тоа не е толку веројатно – посочи Пински.
октомври 7, 2026
