Свет
Експерти на ОН: Правосудниот систем на Белорусија служи за замолчување на критичарите на Лукашенко
Државните институции на Белорусија од 2020 година координирано работеа на сузбивање на критичарите на владата на претседателот Александар Лукашенко низ сите фази на правосудниот систем, вклучувајќи апсења, затворање и надзор, соопштија денеска експерти на ОН.
Во извештајот кој оваа недела ќе биде претставен пред Советот за човекови права на ОН, независните експерти наведоа дека судовите, полицијата, безбедносните служби, обвинителите и затворските власти делувале координирано за да ги замолчат вистинските или наводните противници.
Според наводите од извештајот, како што пренесува Бета, Белорусија претходно ги отфрлаше критиките на ОН во врска со состојбата со човековите права во земјата и не соработуваше со експертите.
Експертите наведоа дека барањата за посета на земјата и комуникација со властите не наишле на одговор.
Експертите за состојбата со човековите права во самата Белорусија утврдија „системски“ кршења на меѓународните обврски во областа на човековите права, почнувајќи од моментот на апсењето, преку притворот и обвинителна пресуда, па сè до надзорот по пуштањето на слобода.
Тие укажаа на произволни апсења, тортура, скратување на правните заштитни мерки, судења зад затворени врати и континуирано вознемирување на поранешните притвореници.
„Обрасците на кршење опишани во овој документ продолжуваат и денес“, се наведува во извештајот, со додаток дека правосудството одиграло клучна улога во одржувањето на тој систем така што ги легитимирало злоупотребите и им скратувало на жртвите ефикасни правни лекови.
Експертите наведоа дека Белорусија е одговорна за кршење на повеќе меѓународни договори и ги повторија претходните констатации дека одделни злоупотреби извршени од мај 2020 година можат да претставуваат злосторства против човештвото во вид на прогон и затворање.
Извештајот го подготви Групата независни експерти на ОН за состојбата со човековите права во Белорусија, која ја сочинуваат три члена. Тие делуваат во лично својство, а не како претставници на влади или на Секретаријатот на ОН.
Овие констатации доаѓаат шест години по избувнувањето на масовните протести предизвикани од претседателските избори во август 2020 година, за кои опозицијата и западните влади тврдеа дека биле наместени.
Илјадници луѓе беа приведени за време на репресијата што следуваше, а организациите за заштита на човековите права продолжуваат да документираат случаи на политички затвореници во Белорусија.
Лукашенко негира дека држи политички затвореници, опишувајќи ги луѓето за кои станува збор како „бандити“. Тој негираше изборна измама и рече дека властите постапиле законски за да воспостават ред.
септември 16, 2026
