Connect with us

Сцена

Селин Дион им се обрати на фановите – го исполни ветувањето

Пејачката Селин Дион викендов го одржа првиот концерт во Париз, за време на кој имаше и трогателен говор за враќањето на сцената.

Легендарната пејачка настапи за првпат во рамките на серијата од 26 концерти во париската арена „Ла Дефанс“, со капацитет од 40.000 луѓе. Беше видно емотивна додека го одбележуваше почетокот на својата прва голема серија концерти во живо откако откри дека се бори со ретко невролошко нарушување, пренесува „Варајати“.

„Си ветив на себеси дека нема да плачам“, им рече Дион на илјадниците обожаватели на почетокот на концертот, за време на кој ги испеа хитовите „The Power of Love“, „Because You Loved Me“, „Pour que tu m’aimes encore“, „All By Myself“, „I’m Alive“ и „My Heart Will Go On“.

Говорејќи за своето враќање на сцената, таа рече дека „патот беше тежок“. Последниот пат кога настапи во главниот град на Франција беше во 2024 година, на церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, што воедно беше и нејзин прв настап во живо откако откри дека боледува од синдромот на укочена личност (СПС).

– Патувањето траеше подолго отколку што се очекуваше, со непланирани застанувања патем. Но издржав. Во далечината, длабоко во планините, верував во бледиот трагач на светлина. И еве го. Сонцето, сонцето е овде. Сонцето е токму пред мене – рече таа во паузата меѓу песните.

– Ветив дека ќе се вратам на сцената. И еве ме, пеам за вас и пеам за себе, пеам во живо! Ви благодарам од срце за поддршката, трпението и, ако смеам да кажам, јас сум сè што сум затоа што ме сакавте – рече Дион.

Говорејќи за борбата со болеста, Дион рече дека „живеејќи со тоа од ден на ден, дошла до тоа да го прифати она што ѝ се случува“.

– Одлучив тоа да го направам своја причина за живот. Но погледнете околу себе, насекаде околу вас, токму овде во оваа просторија, не знаеме низ што минува лицето кое седи до нас. Некои луѓе минуваат низ тешкотии, тага и болка. Други зрачат со енергија и радост. Затоа да ја земеме таа енергија и да ја споделиме. Тоа е она за што служи музиката. Вечерва ќе пееме, ќе танцуваме и ќе славиме – продолжи Дион.

Пејачката претходно отворено зборуваше за влијанието на болеста врз нејзиниот глас во документарниот филм „I Am: Celine Dion“.

Пред враќањето, Дион последен пат настапи во 2020 година во Њујорк. Минатата година требаше да тргне на светска турнеја, но беше принудена да ги откаже сите закажани датуми поради нејзината здравствена состојба.

Синдромот на укочена личност (СПС) е нарушување кое ги зафаќа мозокот и ’рбетниот мозок и може да предизвика вкочанетост на мускулите, проблеми со држењето на телото, сензорни пречки, како и болни грчеви.