Култура
Во Струмица почна 34.издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар “Ристо Шишков“
Завесата на 34. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“, кој традиционално почнува на Денот на независноста, синоќа ја кренаа актерите од Театар „Звездара“ од Белград, Србија, со претставата „Уна“ од Стеван Копривица во режија на Дејан Пројковски.
Фестивалот за отворен го прогласи градоначалникот на Струмица, Петар Јанков.
– Денес, 34 изданија подоцна, Фестивалот „Ристо Шишков“ е една од препознатливите точки на културната мапа на Струмица и на Македонија. Но, она што го прави овој фестивал посебен и негова најголема вредност е тоа што во центарот го става актерот. Овој фестивал е посветен на актерското остварување. На талентот, дисциплината, подготовката и храброста на актерот да излезе пред публиката и секоја вечер одново да создаде свет на сцената. И токму така се објаснува неговиот континуитет од 34 изданија, рече Јанков кому директорот на Фестивалот Ванчо Ристов Патриков му додели медалјанот со ликот на Шишков.
Медалјони добија и Јоана Шишкова, ќерката на Ристо Шишков и претседателот на Словетот на Струмица, Никола Маџунков.
Во конкуренција за единствената награда за највисоко актерско остварување „Ристо Шишков“, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда од 1.500 евра и плакета се актери од 10 претстави од земјава, Бугарија и Србија.
Вечерва на фестивалската програма се две претстави: „Бог на колежот“ на МНТ Скопје во режија на Весна Петрушевска и „Годо“ на Велешкиот театар по мотивите на „Чекајќи го Годо“ од Семјуел Бекет во реѓија на Ѓорѓи Ризевски.
Фестивалот се одржува од 8 до 13 овој месец во Центарот за култура „Антон Панов“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и Општина Струмица.
септември 9, 2026
