Култура
„Како да не снимите здодевен филм?“ – мастерклас на Дарко Митревски на претстојниот фестивал „Браќа Манаки“
Македонскиот сценарист и режисер Дарко Митревски, кој живее и работи во САД, ќе гостува како предавач со мастерклас насловен „Како да не снимите здодевен филм?“ на претстојниот Интернационален фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ , кој ќе се одржува од 19 до 25 септември во Битола.
-На нашиот најголем филмски фестивал, Митревски ќе сподели дел од неговите досегашни професионални искуства и неколку сценаристички рецепти за помладите колеги. Мастеркласот „Како да не снимите здодевен филм?„ е замислен како презентација на низа раскажувачки техники со кои писателите го пленат вниманието на публиката уште од времињата на античката драма, па сè до епохата на современиот Холивуд. Или кажано со неговиот пргав вокабулар: „Во пишувањето филмски приказни не постои нешто што се вика недостиг на инспирација. Постои само незнаење и мрза, кои лесно може да се победат доколку се поседува алатот и се знае занаетот“, се наведува во најавата за мастеркласот на Митревски.
Митревски е автор на „Балканкан“ ж „Трето полувреме“ – меѓу најгледани филмови во историјата на македонската кинематографија. Автор е и на популарните ТВ-серии „Уа, шнајдери!“ и „Досие Скопје“, како и на голем број видеа за македонската поп и рок музика.
Неговите филмови учествуваа на стотина филмски фестивали, добитник е на низа награди во Америка, Европа и регионот.
Во САД Митревски потпиша договор за отстапување на правата за две негови сценарија, кои очекуваат реализација, а неодама во продукција на „Vinegar Syndrome“ излезе и луксузно блуреј реиздание на неговиот првенец, „Збогум на дваесеттиот век“, на кој Митревски е коавтор на сценариото и режијата, заедно со Александар Поповски.
септември 2, 2026
