Connect with us

Свет

Украина уапси осомничен руски агент кој собирал информации за енергетски објекти

Украинските безбедносни служби открија и уапсија жител на Житомирската област кој, според властите, по инструкции на претставник на руските специјални служби собирал разузнавачки информации за подготовка на нови воздушни напади врз термоелектрани и електрични трафостаници кои ја снабдуваат Киевската и Житомирската област, јави Укринформ.

Според украинското Главно обвинителство, осомничениот работел во компанија за преработка на гранит, имал проруски ставови и бил регрутиран преку апликацијата „Телеграм“. За парична награда од 100 долари тој се согласил да извршува задачи за руските специјални служби.

Истрагата утврдила дека тој собирал податоци за термоелектрани и за електрични трафостаници кои обезбедуваат снабдување со струја за Киевската и Житомирската област. Покрај тоа, ги документирал и локациите со најголема концентрација на украински војници и воена техника, како и активните воени аеродроми и полигони.

Украинските власти го спречиле предавањето на собраните информации на руските служби. Против осомничениот е поднесено обвинение за државна предавство во услови на воена состојба, а судот му одредил мерка притвор без можност за кауција.

Претходно, Службата за безбедност на Украина (СБУ) соопшти дека уапсила уште еден осомничен руски агент во Харковската област, кој насочувал руски напади врз цели во близина на автопатот Полтава–Харков.