Забава
Тихоокеанската држава Науру го промени своето име во Наоеро
Тихокеанската островска држава Науру официјално го промени своето име во Република Наоеро, враќајќи се на своето традиционално име, потег за кој властите велат дека има за цел зајакнување на националниот идентитет и зачувување на културното наследство.
Парламентот на Науру во мај го усвои уставниот амандман со кој се менува името на земјата и првично планираше да одржи национален референдум. Но, претседателот Дејвид Адеанг вчера објави на социјалните мрежи дека референдумот е напуштен како идеја.
„Одлуката да не се одржи референдум беше донесена по внимателно разгледување на фактот дека Наоеро не е ново име кое сè уште не е прифатено меѓу граѓаните. Тоа е веќе идентитет на нашиот народ, се наоѓа на националниот грб, се користи во секојдневниот говор на заедницата и, најважно, е дозволено со Уставот“, напиша Адеанг.
Скратеното име на земјата ќе биде Наоеро, додека нејзините граѓани ќе се нарекуваат деи-Наоеро.
Европските колонизатори ја преименувале земјата во Науру бидејќи им било тешко да го изговорат нејзиното оригинално име Наоеро. Таа островска земја со околу 12.000 жители е третата најмала земја во светот, зад Ватикан и Монако.
Адеанг нагласил дека одлуката не е од политичка природа, туку дека станува збор за идентитет, наследство и „зачувување на наследството на нашите предци и зајакнување на иднината на нашите деца“. Владата официјално ги информирала меѓународните организации и другите земји за промената на името, а процесот на премин кон новото име е веќе во тек.
август 1, 2026
