Свет
НАТО планира зајакнување на капацитетите за нуклеарно одвраќање во Европа поради заканите од Русија
Северноатлантскот сојуз планира да го зајакне нуклеарното одвраќање во Европа поради безбедносните закани поврзани со Русија под претседателот Владимир Путин – пренесува германската агенција ДПА.
Информациите до кои дошла агенцијата укажуваат дека во рамките на НАТО се разгледува и можноста за распоредување дополнително американско нуклеарно оружје во Европа.
Експертите посочуваат дека САД можеби веќе префрлиле бомби од типот „Б61-12“ во британската воздухопловна база „Лејкенхит“.
Доколку безбедносната состојба дополнително се влоши, како можни локации за распоредување тактичко нуклеарно оружје би можеле да се разгледуваат и земји поблиску до Русија, меѓу кои Полска, Финска и Литванија.
Плановите главно се однесуваат на таканареченото нестратешко нуклеарно оружје. Таквите бомби се наменети за употреба против непријателски војници, воздухопловни бази, пристаништа, командни центри и друга воена инфраструктура. Во споредба со стратешкото нуклеарно оружје, тие најчесто имаат помала разорна моќ и обично се носат со борбени авиони, ракети со пократок дострел и крстосувачки ракети.
Според процените на експертите за нуклеарно оружје, по големото нуклеарно разоружување по завршувањето на Студената војна, во шест воздухопловни бази во Германија, Белгија, Италија, Холандија и во Турција останале складирани стотина бомби „Б61-12“.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во интервју за ДПА не ја исклучи можноста во иднина во Европа да бидат распоредени дополнителни американски нуклеарни сили.
Сепак, тој одби да коментира детали од тековните процени и консултации повикувајќи се на доверливоста на процесот.
Руте во интервјуто дадено во средината на јули изјави дека НАТО постојано проценува кои способности му се потребни на Сојузот и како треба да изгледа структурата на нуклеарното одвраќање.
август 1, 2026
