Connect with us

Свет

Напаѓачот на Салман Ружди прогласен за виновен на суд во Њујорк, му се заканува доживотен затвор

Обвинетиот за нападот со нож врз писателот Салман Ружди во 2022 година, Хади Матар, беше осуден на суд во Њујорк по обвиненија за федерален тероризам.

Поротата во Њујорк вчера го прогласи Матар за виновен по сите обвиненија, објави Ен-би-си Њуз.

Казната сè уште не е изречена, но Ен-би-си објави дека е можно Матар да биде осуден на доживотна казна затвор.

Матар (28) веќе отслужува 25-годишна казна во државата Њујорк за обид за убиство во нападот во 2022 година.

Обвинителите тврдеа дека Матар бил мотивиран од фатва и повикот од 1989 година од покојниот врховен лидер на Иран, ајатолахот Рухолах Хомеини, за смртта на Ружди поради неговиот роман „Сатански стихови“.

Наградуваниот автор на романот „Деца на полноќта“ и контроверзното дело „Сатански стихови“, минатата недела сведочеше за нападот во 2022 година во кој речиси беше убиен и по кој остана слеп на едното око.

Ружди требаше да одржи предавање, токму за безбедноста на писателите, кога напаѓачот се качи на сцената зад него и го избоде 15 пати пред публика во Институтот Шотоку во Њујорк,  уметнички и интелектуален центар за одмор и собири.

Посетителите и вториот говорник, Хенри Рис, му притрчаа на помош на Ружди и се обидоа да го совладаат напаѓачот, кој потоа беше уапсен од полицајците присутни на настанот.

Ружди, роден во Индија во муслиманско семејство, а сега како американски државјанин се крие со години наназад.

Тој постепено се врати во јавноста откако иранската влада се дистанцира во 1998 година од фатвата, или религиозната наредба, издадена против него од ајатолахот Рухолах Хомеини, кој почина во 1989 година.

Фатвата наводно била издадена затоа што „Сатанските стихови“ го споменуваат пророкот Мухамед во една секвенца.

Обвинителите тврдат дека Матар, американски државјанин од либанско потекло роден во САД, дејствувал од лојалност кон Иран и либанското исламистичко движење Хезболах.

Матар не сведочеше за време на судењето пред државниот суд во 2025 година.