Connect with us

Свет

Австралијците платиле повеќе од четири милиони австралиски долари казни поради неизлегување на изборите

Стотици илјади Австралијци кои не гласаа на федералните избори во 2025 година досега платија повеќе од четири милиони австралиски долари казни, објави Австралиската радиодифузна корпорација (АБЦ).

Австралиската изборна комисија (АЕК) испрати известувања до над 1,3 милиони граѓани поради нивниот „очигледен пропуст да гласаат“ на минатогодишните избори.

Заклучно со мај годинава, околу 207.000 лица ја платиле административната казна од 20 долари, со што во консолидираниот фонд на федералната влада се слеале околу 4,15 милиони австралиски долари.

Во Австралија гласањето е задолжително, а граѓаните што нема да ја исполнат оваа должност се соочуваат со административна казна од 20 австралиски долари или со парична казна до 330 долари доколку случајот заврши на суд. На минатогодишните избори правото на глас го оствариле околу 90 проценти од регистрираните избирачи.

Изборната комисија соопшти дека нема да санкционира повеќе од 250.000 лица кои не гласале бидејќи доставиле „валидно и доволно“ образложение за отсуството. Во меѓувреме, околу 710.000 избирачи сè уште немаат одговорено на испратените известувања во предвидениот рок.