Економија
Мицкоски: Компаниите да пријавуваат нефер трговски практики, законските измени се при крај, а казните десеткратно зголемени
Премиерот Христијан Мицкоски најавува нов состанок со маркетите и дистрибутерите на почетокот на следната недела, но и законски измени со кои десеткратно ќе бидат зголемени казните за оние фирми кои ќе имаат нефер трговски практики.
Премиерот денеска одговарајќи на новинарски прашања ги повика компаниите, дистрибутерите, добавувачите и производителите да пријавуваат нефер трговски практики за да може државата да интервенира во ваквите случаи.
– На почетокот на кризата имавме еден таков состанок. Сега во понеделник ќе имаме уште еден таков состанок, мислам дека е закажан за понеделник, на којшто ќе испратиме силна порака во начинот на нивното однесување на пазарот. Истовремено, и законските измени се при крај за усвојување, каде што казните се десеткратно зголемени за оние маркети коишто ќе се однесуваат нефер. Ќе ја засилиме и инспекцијата и контролите на терен за да идентификуваме ваков тип на однесување. Но, истовремено ги охрабрувам компаниите, дистрибутерите, добавувачите, производителите да пријавуваат нефер трговско однесување од страна на некои од маркетите, бидејќи сега се наоѓаат канали од страна преку разноразни услуги преку трети фирми да се фактурира таканаречен ројалити, што не е фер трговско однесување. Јас ги охрабрувам сите дистрибутери и производители тоа да го пријават за да можеме како држава да делуваме. Инаку не можеме да делуваме, затоа што кога ќе направите инспекција и кога ќе ги видите сметководствените книги, ќе видите дека сѐ е во ред, а преку трети и четврти прокси канали се наплаќа тој ројалити. Дали производот да е полево или подесно на полицата, тоа е веќе јавна тајна и сите го зборуваат тоа, затоа ги охрабрувам да посведочат за да можеме да реагираме како држава против таквите маркети коишто нефер трговски се однесуваат, изјави Мицкоски.
Во однос на инфлацијата, Мицкоски рече дека имаме една од најниските инфлации во регионот, а нејзино стабилизирање очекува по смирувањето на кризата на Блискиот исток и состаноците што ќе ги има со компаниите.
– Во мај да речеме Грција имаше над пет проценти инфлација, Бугарија над шест проценти, Романија близу двоцифрен број. Истото е и во Косово и Хрватска, нешто пониска меѓу три и четири проценти имаат Албанија и Србија, така што ние сме меѓу најниските во регионот. Европа е меѓу три и четири проценти. Ние сме меѓу четири и пол и 4,7 проценти, така што очекувам со смирување на кризата и после овие интензивни состаноци и акции што ќе ги имаме, да дојде до релативно нормализирање и да се спуштиме во услови на посткриза под четири проценти, рече Мицкоски.
јуни 20, 2026


