Connect with us

Економија

Провери пред да купиш: АЕТМ објави ажуриран регистар на е-трговци за превенција од измами

Асоцијацијата за е-трговија го објави најновото ажурирано издание на регистарот на е-трговци со цел да им помогне на граѓаните да проверат од кого купуваат пред да направат онлајн-плаќање. Според податоците на Народната банка, во 2025 година во земјата имало 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една трансакција во текот на годината согласно методологијата на НБРСМ.

Регистарот на е-трговци е единствениот регистар што претставува сеопфатна база на сите онлајн-продавачи во земјата што нудат плаќање со картичка и се ажурира во соработка со петте банки што процесираат е-трансакции – Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка, Халк банка и УНИ банка.

Со цел негово ажурирање, АЕТМ добива подароци од петте банки, врши проверка, идентификација, категоризација и ажурирање на е-продавниците, со што регистарот на е-трговци обезбедува единствен и структуриран увид во понудата на домашниот пазар на е-трговија. За активни е-продавници, во согласност со методогијата на АЕТМ, се подразбираат оние е-продавници што реализирале најмалку една онлајн-трансакција во текот на годината и имаат активна веб-страница за време на проверката.

Каква е домашната понуда во е-трговијата? Регистарот на е-трговци опфаќа 1.374 активни е-продавници распределени во 25 категории. Податоците покажуваат дека најголем дел од понудата во македонската е-трговија ја сочинуваат е-продавници за козметика, производи за убавина или нега (115), облека, обувки и модни додатоци (100), храна и пијалаци (87), бела техника и електроника (86), туризам (81), веб-услуги, стриминг или преземања (73), едукација (71), дом, мебел и градина (61) и многу други категории, што укажува на сè поголема разновидност на производи и услуги достапни преку домашните е-трговци.

Податоците од регистарот покажуваат дека домашната е-трговија повеќе не е ограничена само на традиционалните категории, како мода, козметика и електроника. Значајно присуство имаат и услугите, туризмот, образованието и дигиталните услуги, што укажува на постепено зреење на пазарот и проширување на навиките за онлајн-купување кај потрошувачите.

Регистарот добива дополнително значење ако се земе предвид континуираниот раст на е-трговијата во Северна Македонија. Според анализата на АЕТМ на најновите податоци од Народната банка на РСМ, во 2025 година вкупната вредност на онлајн-трансакциите достигна 950 милиони евра, што претставува раст од 32 % во однос на претходната година. Од нив, 522 милиони евра се слеале кон македонските е-трговци, а бројот на активни места на продажба за е-трговија е зголемен за 84 во однос на 2024 година.

– Податоците покажуваат дека е-трговијата продолжува да се развива со солидно темпо како во однос на вредноста на трансакциите така и во однос на понудата. Регистарот на е-трговци ни овозможува не само да ги идентификуваме активните е-продавници туку и да добиеме појасна слика за тоа кој ја сочинува понудата на домашниот пазар. Анализата покажува дека покрај традиционално силните категории, како козметика, мода и електроника, сè поголема застапеност имаат услугите – едукацијата, туризмот и дигиталните производи, што е показател за зреење на дигиталната економија и проширување на навиките за онлајн-купување кај потрошувачите  вели Нина Ангеловска-Станков, претседател на АЕТМ.

Корисна алатка за заштита на потрошувачите и борба со нерегистрираните трговци

Регистарот на е-трговци претставува практична алатка за зголемување на довербата на граѓаните при онлајн-купување. Со оглед на тоа што значителен дел од онлајн-измамите се случуваат преку нерегистрирани продавачи, најчесто преку социјалните мрежи, регистарот им овозможува на граѓаните лесно да проверат дали еден продавач е регистриран правен субјект и дали користи интегрирано онлајн-плаќање преку банка.

Регистарот истовремено придонесува и кон намалување на сивата економија преку поголема транспарентност и видливост на активните е-трговци. За самите е-трговци, присуството во регистарот претставува дополнителен знак на кредибилитет и доверливост, како и можност за поголема видливост пред потенцијалните купувачи.

Во регистарот се вклучени е-трговци со регистриран правен субјект во Република Северна Македонија и интегрирано онлајн-плаќање преку една од петте банки, а кои реализирале најмалку една онлајн-трансакција во текот на 2025 година.

Регистарот е јавно достапен и може да се пребарува по URL-адреса, по правен субјект и по категорија на е-продавницата на: https://ecommerce.mk/registar

За потребите на ажурирањето АЕТСМ користеше и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.

Ad
Ad