Connect with us

Економија

Јубилејна конференција на СКСЗМ: Во време на интензивни економски, технолошки и геополитички промени ни треба повеќе соработка, визија и дијалог

Дигиталната трансформација, зелената транзиција, недостигот на работна сила, европските интеграции, регионалната конкурентност и потребата од повеќе инвестиции се предизвиците на претстојната деценија. Денес, во услови на интензивни економски, технолошки и геополитички, глобални промени, ни треба повеќе соработка, поширока визија и подлабок, посеопфатен дијалог – порача Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) од јубилејната конференција по повод 20-годишнината од постоењето.

Како што беше речено, успешните економии градат моќни партнерства меѓу институциите и приватниот сектор, инвестираат во иновации, човечки капитал и конкурентност.

– Приватниот сектор е главен двигател на економскиот развој – создава нови работни места, носи инвестиции и ја зајакнува економската конзистентност на земјата. Успесите на бизнис-заедницата се успеси на целото општество. Затоа Владата останува посветена на креирање атмосфера, која ќе биде максимално во полза на бизнис-заедницата, но и на обезбедување поддршка за иницијативите што поттикнуваат економскиот развој – истакна првиот вицепремиер Беким Сали.

Тој оцени дека изминатите години СКСЗМ прерасна во кредибилна институција, во доверлив партнер на приватниот сектор и моќен глас за промоција на претприемаштвото, инвестициите и економскиот развој.

– Овој јубилеј значи две децении посветеност, работа и ангажман за развој на бизнис-заедницата и економијата. Воедно е можност да се рефлектираат обврските од досега трасираниот пат, но и можност да се разговара за предизвиците и можностите што нè чекаат во иднина. Вашата историја е историја на визија, одлучност, верба во економскиот потенцијал на земјата, а вашиот придонес за зајакнување на приватниот сектор и подобрување на економскиот дијалог заслужува почит. И во годините што следуваат ќе продолжите да бидете значаен партнер во градењето модерна, конкурентна и инклузивна економија – нагласи Сали. 

Тој се осврна и на патот кон ЕУ потсетувајќи дека останува приоритет на државата.

– Евроинтеграциите не се само политички процес, туку претставуваат конкретна можност за посилна економија, поголем пазар, повисоки стандарди и перспектива што нуди благосостојба за нашите граѓани. Реформите што ги спроведуваме имаат цел создавање подобри услови за инвестиции, зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на бизнис-климата. Тие се неминовни предуслови за конзистентен економскиот развој и доближување до европското семејство – истакна вицепремиерот. 

Според в.д. претседателот на СКСЗМ, Нухи Алиу, Комората во своето 20-годишно постоење докажа дека институционалниот развој се гради врз визија.

– Во овие две децении успеавме да се етаблираме како еден од најкредибилните гласови на бизнис-заедницата во земјата. Изградивме институција што даде значаен придонес во подобрувањето на деловната клима, унапредувањето на јавно-приватниот дијалог и создавањето нови можности за развој на нашите компании. Ова беше постигнато благодарение на довербата и посветеноста на нашите членови, институционални партнери и сите што беа дел од нашето заедничко патување. Денес, во услови на нови економски предизвици и на интензивни глобални промени, ни треба повеќе соработка, поширока визија и подлабок, поопфатен дијалог. Токму за таа цел ја организираме и оваа конференција – да создадеме простор, во кој искуството, експертизата и идеите ќе се преточат во конкретни препораки и иницијативи за иднината, да разговараме за сегашноста и заеднички да ја проектираме иднината на економијата, бизнисот и економскиот развој – посочи Алиу.

На конференцијата присуствуваа и поглаварот на Исламската верска заедница, претставнци на стопански комори од земјата и регионот, претставници на институции, соработници на СКСЗМ и стопанственици

Ad
Ad