Connect with us

Економија

Пецаков: „Костал“ го позиционира Охрид на светската мапа на автомобилската индустрија

Уште од доаѓањето на „Костал“ во Охрид знаевме дека компанија со такво реноме ќе го трансформира индустрискиот профил на нашиот град. Денес, со гордост можеме да потврдиме дека „Костал“ не е само производствена единица, туку еден од виталните столбови на локалната економија и место каде што стотици наши сограѓани ја проектираат својата професионална иднина. Тоа го истакна градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, пред присутните на свеченоста по повод десетгодишнината од работењето на „Костал“ во Македонија.

– Ви честитам за технолошкиот напредок и за тоа што го позициониравте Охрид на мапата на глобалната автомобилска индустрија. Оваа деценија е круна на вашата истрајност и вештина, но и верификација за квалитетот и потенцијалот на македонскиот работник. Сепак, јубилеите не се само време за прослава, туку и за искрена рефлексија. Како градоначалник, моја примарна должност е да гледам подалеку од бројките и економскиот бенефит. Мојот фокус е развојот на заедницата во нејзината целокупност – рече Пецаков.

Притоа тој потсети дека Општина Охрид и охриѓани изминатите десет години беа најлојален партнер на компанијата излегувајќи во пресрет при секој чекор од нејзиниот развој – од инфраструктурна поддршка до административни олеснувања.

– Тоа го правевме со цврста верба дека вистинското партнерство е секогаш двонасочна улица. Затоа, денес, покрај искрените честитки, сакам да упатам и еден конструктивен поттик. Верувам дека по една деценија стабилност и раст, време е „Костал“ уште посилно да го почувствува пулсот на овој град. Како компанија што црпи ресурси и знаење токму од Охрид, очекуваме вашата корпоративна општествена одговорност да се издигне на едно повисоко, повидливо ниво – рече тој.

Пецаков ѝ посака на компанијата натамошни успеси нагласувајќи дека Општина Охрид останува нејзин сојузник, со надеж дека и во иднина ќе се прославуваат заеднички општествени успеси покажувајќи го лидерството не само во производствените хали туку и лидерство во општествениот живот во Охрид.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1