Вести
Јаневска на Светски образовен форум во Лондон: со поставување реални цели и политики базирани на факти се трудиме да го забрзаме развојот на образованието
Нема формула за брза транзиција на еден образовен систем од фаза на ран развој кон извонредност. Потребно е време и голема посветеност кон остварување на претходно поставени реални цели и јасно дефинирани политики што ќе се базираат на факти. Македонската влада го прави токму тоа – образовните политики ги темели на спроведени анализи и преку мерливи критериуми ја утврдува ефикасноста – порача министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска на панел дискусија посветена на креирање политики базирани на факти, во рамки на Светскиот образовен форум во Лондон.
Како што соопштуваат од Министерството за образование и наука, на форумот што по 24 пат го организираат Министерството за образование на Обединетото Кралство, Канцеларијата за надворешни работи, Комонвелт и развој, Министерството за бизнис и трговија и Британскиот совет, министерката порача дека политиките треба да се креираат врс основа на анализа на податоци.
– Во денешно време располагаме со голем број податоци и важно е тие да се анализираат и врз основа на тоа да се креираат политиките. Технологијата, особено вештачката интелигенција ни помага во собирањето и обработката, но сепак во процесот најважен е човечкиот фактор и не може да биде заменет – рече Јаневска.
Посочи примери дека за институциите во Македонија јасен показател за промени се резултатите на учениците на меѓународните тестирања како ПИСА и ТИММС, детализираните податоци од шангајската ранг листа на универзитети, анализите и истражувањата на организации како УНИЦЕФ, ОЕЦД и Светска Банка, како и дека исклучително релевантно во креирањето политики е и измереното мислење на наставниците, стручните служби, родителите и учениците. Како што рече, сите тие треба да ги знаат резултатите од анализите и причините за промени и да учествуваат во менување на состојбите.
Освен Јаневска, на панел дискусијата се обратија и Алфа Бакар Бери – министер за стручно образование, обука и вработување на Гвинеја, Андреас Шлајхер – директор за образование и вештини во ОЕЦД и Берџ Акијан – извршен директор на организацијата Клас Линк.
– Говорниците се согласија дека иако институциите во многу земји немаат законска обврска да собираат и користат докази при креирањето на политики, сепак тоа обезбедува легитимитет на процесот – велат оттаму.
Светскиот образовен форум е најголемиот глобален собир на министри за образование и вештини. Годинава, темата на форумот е „Образование за заедничка иднина: Мир, планета, цел и патеки“.
мај 20, 2026
