Connect with us

Вести

„Лесната достапност создава зависност“ – психијатрите поддржуваат ограничување на казината

Колку помалку казина и обложувалници низ државата, толку помал број луѓе ќе тонат во зависност од коцка – ова е пораката од психијатрите, кои ја поздравуваат одлуката на Владата да се стави ред во игрите на среќа. Според д-р Адриана Богдановска Тоскиќ, „коцката“ не е игра, туку сериозна болест што руши семејства, остава долгови и уништува животи. Според стручната фела, најранливи се младите, кои секојдневно растат опкружени со светлечки реклами и брза надеж за лесна заработка, пренесува Телевизија Алфа.

„Овој чекор е за поздравување. Бројката ќе се намали од проста причина што ќе се намали достапноста до ваквите објекти и ваквите можности. Лесната достапност до овие објекти за коцкање придонесува да се развие зависност. Многу често пациентите знаат да кажат: ‘Со друштвото почнавме да одиме таму.’ И, секако, ограничувањето и на бројот и на достапноста ќе има позитивен ефект“, вели д-р Адриана Богдановска Тоскиќ – психијатар.

Коцката и дрогата се различни пороци, но иста зависност – велат психијатрите. И во двата случаи мозокот бара нова „доза“, а зависникот постепено ја губи контролата врз сопствениот живот. Практиката на докторите со пациентите-зависници покажува дека меѓу нив има луѓе кои се задолжени и по повеќе од 50.000 евра, губат куќи, станови и скапи автомобили.

„Она што е многу заедничко се последиците и дисфункционалноста на лично, семејно и професионално ниво. Последиците што ги остава ваквото однесување, во смисла дека коцкањето и сè што е поврзано со него – парите, вложувањето, мислите – добиваат приоритет, доведуваат до намалена функционалност и во семејството и на работното место. Тоа се случува и со зависностите од психоактивни супстанци, но и со коцкањето“, вели д-р Богдановска Тоскиќ.

Владата подолго време се залага за воведување ред во игрите на среќа, односно за справување со нелегалното онлајн коцкање. Премиерот е убеден дека се потребни итни реформи во оваа област. Со новиот предлог-закон се воведуваат построги правила за казината и обложувалниците. Се забранува рекламирање што го претставува коцкањето како начин за брза заработка и подобар живот. Нема да смее да се користат ниту познати личности, како ни реклами насочени кон малолетници. Казината и автомат-клубовите ќе мора да бидат најмалку 500 метри оддалечени од училиштата.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1