Општини
Шведскиот амбасадор Сулстром во Прилеп: Единствено решение за заштита на животната средина е Регионалната депонија
Единствено решение за зачувување на животната средина е Регионалната депонија за југозападниот регион од Македонија, кај Новаци, беше констатирано при денешната посета на шведскиот амбасадор Ола Сулстром на Прилеп.
На градската депонија кај Алинци во завршна фаза е изградбата на фабриката за селекција на отпадот, а Пелагонија и Прилеп се водечки во процесот со управувањето на отпадот. Од 2021 година во Пелагонискиот и Југозападниот регион е активен проектот „Одржливо управување со општински отпад“, финансиран од Шведска и имплементиран од „SALAR“. Проектот имаше значаен успех во Прилеп со воспоставување на работна група за управување со отпад, развивање регионални и локални акциски планови, залагање за развој на центар за собирање отпад во градот и обезбедување техничка поддршка за капацитетите за отпад во Прилеп.
-Двете земји, Македонија и Шведска, имаат многу допирни точки, а тоа се прекрасните предели.А токму затоа, сите ние имаме одговорности да се грижиме за заштитата на оваа природна убавина. Управувањето со отпадот е клучна алка. Во овој проект сме вклучени преку „Салар“ за регионално управување со отпадот и горди сме што Пелагонија и Прилеп се водечки во овој процес. Веќе се постигнати големи исчекори на овој план и се надеваме дека ќе продолжиме да работиме за состојбата да се унапреди, изјави шведскиот амбасадор Ола Сулстром.
Граѓаните заслужуваат повеќе едукација и директно комуницирање и повеќе вклучување на општинските власти. Граѓаните треба да бидат свесни дека кое било решение е подобро од сегашната состојба.
-Имаме страшни 30 проценти од отпадот кој генериран во државава завршува каде што не знаеме – во долови, во реки, на полиња, се пали. Регионалната депонија која очекувам дека ќе биде изградена според европски стандард е решение кое првпат може да очекуваме дека ќе значи подобрување на оваа ситуација која со децении не боли како општество, смета Иван Петровски, програмски координатор за животна средина и клима во Шведската амбасада, задолжен за мониторирање на проектот на „Салар“ кој моментално работи со општини во Пелагонискиот и во југозападниот регион од Македонија како дел од поширокиот процес за воспоставување на регионалниот систем за управување со отпад.
Прилеп наскоро очекува да профункционира Фабриката за селекција на отпадот кај градската депонија Алинци. Градот се надева дека ќе може да ја користи и во комерцијални цели.
-Заедно со шведската заедница за локални самоуправи „Салар“ работиме на проект за регионалната депонија во Новаци. Минатата недела во Скопје се одржа настан, на кој присуствуваше и шведскиот амбасадор каде се зборуваше до каде се активностите во однос на регионалната депонија. Во непосредна близина на Фабриката за селекција на отпадот кај депонијата Алинци ќе се наоѓа и претоварната станица од каде ќе се депонира отпадот од неколку општини во Регионалната депонија кај Новаци. Наскоро треба да профункционира и Фабриката за селекција на отпадот. Се надевам дека фабриката ќе можеме да ја користиме и за комерцијални намени и давршиме услуги за селекција на отпадот и за соседните општини, рече прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски.
мај 7, 2026

