Општини
Неправилности и прекршувања во Струшки паркинзи, директорот најави ревизија
Со долг од над 1,5 милиони денари и секој месец работа со загуби јавното претпријатие за паркинзи „Еко Струга“ функционирало како приватна компанија на поранешното раководство, истакна на денешната прес-конференција директорот на институцијата Абдуљади Шазиманоски.
Кога ја презел функцијата вршител на должност директор, истакна дека претпријатието било во многу тешка состојба.
– Немаше систем и правилник за работа. Имаше вработени чии работни активности не се совпаѓаа со нивните решенија за вработување. Поголемиот дел од работните налози им биле давани усно од поранешната директорка, без писмена документација. Ова го потврдува и фактичката состојба на терен, каде што паркинг-зоните воопшто не изгледаат како такви. Поголемиот дел од нив се со оштетена инфраструктура, со дупки, без потребна сигнализација и без обележани линии, рече Шазиманоски.
Според него, тешка состојба била констатирана и во финансиската документација.
– Пронајдени се голем број сомнежи за финансиски злоупотреби, почнувајќи од ниско евидентирани приходи, непотребни трошоци, па сè до сомнителни фактури. Што се однесува до ниските приходи, како пример ќе ги земеме месеците од туристичката сезона. Во јули 2025 година, во период кога е речиси невозможно да се најде паркинг-место во центарот на градот, евидентирани се само 5 илјади денари промет, забележа директорот.
Тој посочи и дека внатрешната ревизија утврдила многу случаи кога со средства на претпријатието се купувале големи количини алкохолни пијалаци и други производи, кои не одговараат на потребите на претпријатието или на вработените.
– Сите овие и многу други прекршувања се утврдени при внатрешната контрола и ќе бидат доставени до надлежните органи. Исто така, ќе побараме и контрола од Државниот завод за ревизија, изјави Шазиманоски.
Од неговото стапување на функција, информира дека во првите два месеци претпријатието бележи зголемување на приходите за 30 отсто во споредба со истиот период лани.
– Она што е уште поважно во моментов е дека целосно ги прекинавме трошоците за кирија и непотребни фактури, со преместување на канцелариите на претпријатието од приватен простор во објектот на поранешната општина, каде што се наоѓаме денес. Со оваа мерка, претпријатието заштедува најмалку 600 илјади денари, односно над 10 илјади евра годишно, изјави Шазиманоски.
мај 7, 2026

