Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска во работна посета на Словачка

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, денеска и утре, престојува во работна посета на Република Словачка на покана на министерот за финансии, Ладислав Каменицки.

Во рамки на посетата, информираат од нејзиниот Кабинет, предвидена е тет-а-тет средба меѓу двајцата министри, како и билатерални состаноци на делегациите и средба на државните секретари во министерствата за финансии на двете земји Андриана Матлиоска од македонска страна и Радован Мајерски и Даниела Клучкова од словачка страна.

На состаноците посебен акцент ќе биде ставен на дигитализацијата на даночните процеси, вклучително и е-фактура, електронските фискални системи и современите платежни решенија, како и на зајакнувањето на транспарентноста и борбата против даночната евазија.

За време на посетата ќе се дискутира и за регионалната соработка во развојот на пазарите на капитал, а во контекст на Меморандумот за разбирање  за соработка во развојот на пазарите на капитал потпишан меѓу осум земји, односно земји членки на ЕУ и Македонија.

Во рамки на агендата предвидена е и заедничка прес-конференција на министерите за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и Ладислав Каменицки.

Посетата се реализира неколку месеци по посетата на словачкиот министер Каменицки на земјава и е во насока на продлабочување на билатералната соработка меѓу двете земји и размена на искуства во областа на јавните финансии.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2