Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка со сеопфатни пакет-мерки за стабилизирање на инфлацијата
Народната банка спроведува сеопфатен и комплементарен сет на мерки насочени кон одржување на ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс – вели вицегувернерката Ана Митреска.
Таа нагласува дека монетарната политика и натаму се води претпазливо, при што главните инструменти ќе придонесат за постепено стабилизирање на инфлацијата.
-Монетарната политика и натаму е во зоната на претпазливост. Каматната стапка е на непроменето ниво, а истовремено се применуваат и дополнителни мерки – заострување на задолжителната резерва, повлекување ликвидност од банкарскиот систем, зголемени капитални барања за банките и построги кредитни стандарди. Овој пристап овозможува координирано делување врз инфлациските притисоци и кредитната активност, посочува Митреска во гостувањето во поткастот „Финсајт“ на порталот „Банкарство.мк“.
Во однос на инфлацијата, таа истакнува дека централната банка внимателно ги следи движењата на цените и очекувањата на пазарите.
-Согласно тековните пазарни очекувања, по растот на цените на енергентите и храната во првата половина од годината, се очекува нивно постепено стабилизирање во втората половина, што би придонесло за намалувањето на притисоците врз цените – нагласува Митреска.
Таа додава дека Народната банка е подготвена за дополнителни интервенции доколку се зголемат ризиците.
-Доколку се појават знаци на подолготрајни инфлациски притисоци, Народната банка е подготвена да реагира со дополнително затегнување на монетарната политика, користејќи ги каматните стапки и другите расположливи инструменти- потенцира Митреска.
април 30, 2026

