Вести
Судскиот совет го усвои извештајот по приговори на судии за избор на претседател на Основниот кривичен суд – Скопје
Судскиот совет на денешната седница го усвои извештајот по приговори на судии за избор на претседател на Основниот кривичен суд – Скопје. Беше појаснето дека до Судскиот совет биле поднесени приговори од судиите кои се кандидати за избор на претседател на Основниот кривичен суд – Скопје, кои приговараат на решенијата на Судскиот совет, со кои вонредно е оценета нивната работа.
Од страна на комисијата при Советот беше изготвен извештај по однос на овие приговори, кој беше доставен до Судскиот совет.
Известителот Сузана Јошевска-Анастасовска појасни дека се работи за оценувањето на кандидатите, судиите Даниела Димовска и Ивица Стефановски.
– Двајцата поднесоа приговори до комисијата по однос на бодовите што ги добиле од страна на комисијата. Приговорите беа разгледувани од страна на комисијата и се утврди дека и двата приговори се основани, односно дека се работи за технички грешки во внесувањето во АКМИС-системот и од тие причини евидентна беше основаноста на приговорите. Во извештајот детално се образложени од кои причини се усвојуваат и кои се бодовите итн. – појасни таа.
Судскиот совет на денешната седница го усвои извештајот за спроведено вонредно оценување на работата на судиите како кандидати за избор на претседател на Управен суд.
Се расправаше и по претставки и поплаки поднесени од граѓаните и правните лица за работата на судиите, претседателите на судовите и судовите.
Актуелен в.д. претседател на скопскиот Кривичен суд е судијката Даниела Димовска, која е на таа функција од август 2025 година.
април 30, 2026

