Connect with us

Економија

Ристески: Очекуваме стабилност на цените на лебот и основните производи

Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески денеска во Делчево изјави дека засега нема промени во цените на лебот и основните прехранбени производи, но дека нивното задржување ќе зависи од состојбите на пазарот и од однесувањето на производителите.

Одговарајќи на новинарско прашање на бизнис-форумот во Делчево, Ристески рече дека со почетокот на кризата и случувањата на Блискиот Исток, институциите внимателно ја следат состојбата со цените на основните производи.

– Добро е, има придвижување во споредба со претходниот период, со започнувањето на самата криза и војната во Иран, се трудиме да го спречиме наглото поскапување на лебот и другите основни производи. Имаше ветување од стопанските комори и здруженијата на пекари во Македонија дека тоа ќе го испочитуваат до крајот на месецот, изјави Ристески.

Тој најави дека наредната недела повторно ќе има средба со Државниот пазарен инспекторат, на која ќе се разгледува состојбата со цените и можните движења на пазарот.

– Очекуваме, доколку нема поголеми потреси околу цената на нафтата, транспортните трошоци и слично, цените да останат стабилни и понатаму. Меѓутоа, тоа е прашање на добра волја на пекарите, посочи Ристески.

На денешниот бизнис-форум во Делчево беа разгледани повеќе теми поврзани со економските состојби и поддршката на локалниот бизнис сектор.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1