Connect with us

Вести

Мицкоски до Беџети: Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, луѓето во 21 век на Марс се качија, вие се обидувате да добиете поени со ситен популизам

Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, дури и се обидувам да го научам. Колку повеќе јазици знаете, толку сте побогати. Луѓето во 21 век на Марс се качија, а вие се обидувате со ситен популизам мислејќи дека ќе добиете некакви поени, а губите, мислите ќе направите нешто за вас и вашата партија, нема, тоа време заврши. Додека мене ме гледате тука, а јас вас ве гледам, ви кажувам – тоа време заврши. Ова е нова Македонија во која секој граѓанин придонесува и се труди за иднината на оваа земја еднакво, а не по етничка основа, туку еднакво сите сакаме да придонесеме со проект повеќе, со политика повеќе, со реформа повеќе – изјави премиерот Христијан Мицоски денеска одговарајќи на прашањето на пратеникот Блерим Беџети од Европскиот фронт во врска со Законот за употребата на јазици на денешната собраниска седница на пратенички прашања.

Беџети упати прашање до премиерот во однос на Законот за јазиците, односно рече дека Венециската комисија изнесува минимални стандарди, а не максимални граници и дека државите имаат простор да градат понапредни модели и да ги унапредувааат правата. Исто така, го обвини премиерот за манипулации и двојни стандарди во однос на тоа како ги користи и мислењата на Венецинската комисија и одлуките на Уставниот суд.

– Никој нема ништо против користењето на јазиците во Македонија што ги употребуваат делови од народите на одредени територии или на целата територија, како што е случајот со албанскиот јазик. Ниту, пак, некој некогаш го оспорувал тоа. Вчера, на гости беше претседателот на Швајцарската Конфедерација и додека тој зборуваше и се обраќаше на англиски јазик, во заднина преводот беше на македонски и на албански. Уставот вели дека единствен јазик во меѓународна употреба е македонскиот, па тоа не ни пречеше. Најмалку ни пречеше – дури и мојот говор и обраќањето беа преведени на албански, па тоа не ми пречеше и нема да ми пречи. Затоа што никогаш нема да дозволам ситни души со ситни теми да играат на чувствата на граѓаните во Македонија бидејќи јас сум претседател на Владата на сите граѓани – и на Македонците, и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Власите, и на Ромите, и на Бошњаците и на сите други – рече Мицкоски.

На Беџети му порача дека Венециската комисија зборува едно, а тој цитирал нешто сосема друго.

– Венециската комисија дава негативно мислење и препорака во своето мислење, во членот 102, да се напушти примената на двојазичноста во правосудниот систем и да се вратиме на Законот за јазиците од 2008 година, тоа го вели Венециската комисија. Инаку, таа, генерално, дава позитивно мислење, но не дава мислење за уставноста на законот, туку дали е во согласност со меѓународното право. За уставноста одлучува Уставниот суд, кој во овој состав го избра вашето мнозинство. Ова парламентарно мнозинство се обидува да ги исправи недостатоците што ги оставија СДСМ и ДУИ како влада и да ги коригира – рече Мицкоски.

Нагласи дека ова парламентарно мнозинство нема да им дозволи да си играат со чувствата на граѓаните и додаде дека тие тоа го препознаваат и ќе го кажат својот став на следните парламентарни избори.

– Немам ништо против употребата на албанскиот јазик, ниту против тоа дел од турскиот народ да го користи турскиот, српскиот и другите јазици. Но она што треба вистински да си го поставиме како прашање е зошто континуирано мислите дека оваа политика, која ви донесе негативни резултати, сега ќе ви донесе позитивни – нагласи Мицкоски. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 2