Connect with us

Економија

Божиновска: Одлучни политики, силни инвестиции и меѓународна соработка за одржлива енергетска иднина

Одржливото управување со ресурсите не е избор, туку императив во време на глобални енергетски и климатски предизвици – порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во своето обраќање на UNECE Resource Management Week 2026 пред високи претставници, експерти и креатори на политики од целиот свет.

– Се наоѓаме во период на длабока и неповратна трансформација на енергетскиот и ресурсниот систем. Предизвиците, како климатските промени, енергетската сигурност и економската отпорност, се меѓусебно поврзани, но и можностите што произлегуваат од нив може да бидат двигател на одржлив развој – доколку дејствуваме заеднички – истакна министерката.

Таа нагласи дека Македонија во изминатиот период направила значаен институционален исчекор со формирањето на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини како клучен чекор за зајакнување на стратешкото управување со енергетските и природните ресурси.

– Ова не беше административна, туку стратешка одлука, со која енергетиката ја поставивме во срцето на националната политика – потенцира Божиновска.

Министерката посочи дека веќе се реализираат конкретни резултати преку развој на клучни инфраструктурни проекти, како гасното поврзување со Грција и планираната интерконекција со Србија, со што се зајакнуваат енергетската безбедност и регионалната интеграција.

Паралелно, државата интензивно работи на зголемување на инвестициите во обновливи извори на енергија, особено во соларни и ветерни капацитети, како и на подобрување на енергетската ефикасност. Во рударскиот сектор фокусот е ставен на одговорно и одржливо искористување на ресурсите, во согласност со меѓународните стандарди.

Во своето обраќање Божиновска ја нагласи и важноста на мултилатералната соработка истакнувајќи дека ниедна држава не може самостојно да ги надмине предизвиците на енергетската транзиција.

– Меѓународната соработка не е опција – таа е неопходност. Само преку партнерства, размена на знаење и заеднички политики можеме да обезбедиме одржлива и сигурна иднина – наглаи таа.

Како потврда за активната улога на земјата на меѓународната сцена, министерката потсети дека Македонија беше домаќин на 14-тиот меѓународен форум за енергија и одржлив развој во Скопје, со што ја зацврсти својата позиција како кредибилен партнер и регионален центар за дијалог.

Божиновска упати повик за засилена соработка и побрза акција додавајќи дека „имаме знаење, имаме алатки и имаме можност, но потребни се решителност и единство. Одржливоста не е крајна цел, туку процес што бара визија, доследност и партнерство“.

Со учеството на овој значаен меѓународен настан Македонија уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон одржлив развој, енергетска сигурност и активна улога во глобалните процеси за справување со климатските и енергетските предизвици.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1