Connect with us

Економија

Туристичката комора на ССКМ бара одложување на примената на ЕЕС-системот на грчките граници за македонските државјани во летната сезона

Туристичката комора при Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) иницира одложување на примената на новиот Entry/Exit System (EES) на грчките граници за македонските државјани во текот на летната сезона.

Во официјално обраќање до Министерство за туризам на Република Грција, Комората побара привремено одложување на системот во периодот од 1 јуни до 1 септември 2026 година. Причината за ова барање се реакциите од туристичкиот сектор, кој предупредува дека воведувањето на EES токму во шпицот на сезоната може да предизвика долги задржувања на граничните премини и чекања од повеќе часови.

Според туристичките работници, ваквите застои би имале директно влијание врз туристичкото искуство на граѓаните, но и би можеле да доведат до откажување на веќе резервирани летни аранжмани во Грција — дестинација која традиционално е најпосетувана од македонските туристи.

Од Туристичката комора при ССКМ истакнуваат дека непречениот проток на патници е клучен за стабилноста и развојот на туристичката индустрија, па затоа апелираат за разбирање и флексибилност од грчка страна. Иницијативата, како што додаваат, има за цел да ги зајакне добрососедските односи и економската соработка меѓу двете земји, особено во секторот туризам кој има значајна улога во регионалната економија.

Комората очекува позитивен одговор од грчките институции, со цел да се обезбеди непречено движење на туристите и успешна реализација на претстојната летна сезона.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4