Економија
Димитриеска-Кочоска: Обединетото Кралство еден од најважните економски партнери, посветени сме на стратешкото партнерство
Силна е посветеноста и на македонската и на британската влада на договорот за стратешкото партнерство, што ќе овозможи реализација на клучни инфраструктурни проекти, како и доверба меѓу деловите заедници. Цврстите економски односи се проследени со раст на вупната трговска размена, но и на инвестициите од Британија во Северна Македонија,- беше истакнато денеска на одбележувањето на третата годишнина од формирањето на Британската бизнис-асоцијација (ББА) во државата.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска рече дека Обединетото Кралство е еден од најважните економски партнери на државата истакнувајќи дека особено важен сегмент се и британските инвестиции како силен сигнал за довербата во македонската економија. Британската бизнис-асоцијација во држававт, според неа, прерасна во значајна платформа за продлабочување на македонското-британските економските врски, силен глас на британската бизнис-заедница во земјата, но и важен партнер на институциите во креирањето подобра и поконкурентна деловна средина.
Според министерката Димитриеска Кочоска, македонските производи го зголемуваат присуството на британскиот пазар како еден од најконкурентните во Европа, а меѓу деловните заедници во двете држави има силна економска динамика и доверба.
Во 2025 година вкупната трговска размена достигнала 1,57 милијарда евра, што претставува раст од 18,9 проценти во однос на претходната година. Според министерката за финансии, уште поохрабрувачки е фактот што само во првите два месеци од 2026 година трговската размена изнесува 374 милиони евра, што е раст од 43,4 проценти на годишна основа.
– Овие податоци јасно покажуваат дека економската соработка меѓу двете земји не само што е стабилна туку и добива нов интензитет. Извозот на македонски производи на британскиот пазар во 2025 година достигна 116 милиони евра, со раст од 14,3 проценти, а во првите два месеци од оваа година бележиме дополнителен раст од 1,9 процент. Ова е значаен показател дека македонските компании постепено го зголемуваат своето присуство на еден од најконкурентните европски пазари – рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Увозот од Обединетото Кралство во 2025 година изнесува 1,46 милијарда евра, што претставува раст од 19,3 проценти, а во првите два месеци од 2026 година тој раст е уште поизразен. Тоа, посочи министерката, зборува за силната економска динамика и за довербата што постои меѓу нашите деловни заедници.
Во периодот од 2014 до 2025 година кумулативниот прилив на странски директни инвестиции од Обединетото Кралство достигнал 250,1 милиони евра, што е 4,5 проценти од вкупните странски инвестиции во земјата. Највисок прилив е регистриран во 2024 година кога британските инвестиции достигнале 221,3 милион евра, што, според министерката, е силен сигнал за довербата на британските инвеститори во македонската економија.
Димитриеска Кочоска истакна дека потпишувањето на стратешкото партнерство меѓу Обединетото Кралство и Република Македонија, како и аранжманот Влада со Влада, ја издигнале соработката на ново, повисоко ниво. – Овој договор, кон кој двете влади се силно посветени, ќе овозможи реализација на клучни инфраструктурни проекти. Овие рамки испраќаат силна порака за долгорочната посветеност на Обединетото Кралство кон натамошно продлабочување на политичките, економските и на трговските односи меѓу нашите две земји. Британската бизнис-асоцијација има значајна улога во овој процес. Таа е важен мост меѓу институциите и приватниот сектор, меѓу британските компании и македонската економија, но и меѓу идеите и нивната реализација – рече Димитриеска-Кочоска изразувајќи уверување дека во годините што следуваат со Велика Британија ќе имаме уште посилна трговска соработка, поголем прилив на инвестиции и нови заеднички проекти, кои ќе донесат конкретни придобивки за нашите граѓани и за нашите економии.
Британскиот амбасадор Метју Лосон нагласи дека воспоставувањето на ББА се совпадна со период на значајни пресвртници во билатералните односи меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија. Основањето, укажа, се надоврза на одбележувањето 30 години дипломатски односи, а од неодамна беше зајакнато и со потпишувањето на стратешкото партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија и меѓувладиниот договор, кои заедно ја подигнаа нашата соработка на ново ниво.
– Меѓувладиниот договор, на кој двете наши влади се силно посветени, ќе ги поддржи критичните инфраструктурни проекти во транспортниот, енергетскиот, здравствениот и во технолошкиот сектор како дел од рамката за финансиска поддршка од 5 милијарди фунти од страна на Министерството за гарантирање на извозните кредити на Обединетото Кралство. Овие рамки испраќаат силен сигнал за долгорочната посветеност на Обединетото Кралство на продлабочувањето на политичките, економските и на трговските врски меѓу нашите две земји. Таа посветеност јасно се отсликува во цврстината на нашите економски односи – рече амбасадорот Лосон.
Тој дополни дека Северна Македонија е моментно најголемиот трговски и инвестициски партнер на Обединетото Кралство во Западен Балкан, со вкупна билатерална трговска размена во вредност од речиси 1,6 милијарда фунти во 2025 година.
Боријан Борозанов, претставник на Британската бизнис-асоцијација и директор за производство за Европа во „Џонсон Мети“, истакна дека е реалност целта за која беше основана ББА – да ги поврзе компаниите, да поттикне соработка и да отвори нови можности.
Борозанов рече дека како дел од европското раководство на „Џонсон Мети“ секојдневно гледа важна промена во начинот на кој функционира бизнисот. Истакна дека успехот не се мери само со индивидуални резултати, туку преку партнерства, доверба, размена на знаење и заедничка визија за иднината, што е и улогата на ББА.
– Нашата амбиција е Асоцијацијата да стане платформа, каде што соработката станува двигател на растот. Место на кое идеите стануваат иницијативи, иницијативите стануваат партнерства, а партнерствата создаваат вистинско економско влијание. Пред нас стојат огромни можности во одржливоста, иновациите, дигиталната трансформација и развојот на таленти. Но најголемата сила на ББА не е во структурата, туку во луѓето. Во лидерите кои се подготвени да соработуваат. Во компаниите кои размислуваат долгорочно. И во заедницата која верува дека заедно можеме повеќе – рече Борозанов.
април 23, 2026

