Connect with us

Вести

Бојковска: В среда јавна расправа на тема „Влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“

Како претседателка на Клубот за младински прашања и политики, ја најавувам претстојната јавна расправа на тема: „Влијанието на социјалните мрежи врз младите и нивното ментално здравје“. Одлуката е донесена консензуално, што потврдува дека станува збор за прашање од заеднички интерес, надвор од партиските разлики. Јавната расправа ќе се одржи во Собранието на 29 април (среда), со почеток во 11 часот – се вели во соопштението од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од денешната прес-конференција на Драгана Бојковска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ, што МИА го пренесува интегрално.

Целта на јавната расправа е да иницираме широка и инклузивна дебата со сите релевантни фактори за влијанието од зголемената употреба на социјалните мрежи кај децата и адолесцентите, но и правна и институционална рамка за користење мобилни телефони и социјални мрежи кај младите.

Живееме во ера во која дигиталниот свет веќе не е само алатка, туку средина во која младите го поминуваат најголемиот дел од денот. Но, со тоа доаѓаат и сериозни предизвици. Овие појави повеќе не се изолирани случаи, туку системски тренд, кој бара институционален одговор.

Еден од клучните предизвици што треба да се адресира е прекумерната изложеност на младите на дигитални содржини, која често води кон намалена концентрација, нарушени навики за учење и зависност од постојана онлајн-интеракција.

Дополнително, сериозен проблем претставува порастот на сајбер-насилството, говорот на омраза и онлајн вознемирувањето. Младите се сè почесто изложени на негативни коментари, притисоци и јавно понижување, што може да доведе до анксиозност, депресија и повлекување од социјалниот живот.

Воедно, се отвора и прашањето за заштита на приватноста и личните податоци. Младите често не се доволно свесни за ризиците од споделување лични информации, што ги прави ранливи на злоупотреби, вклучително и кражба на идентитет, манипулација со содржини и злоупотреба преку нови технологии, како што е вештачката интелигенција.

Почитувани,

Во земјите од Европската Унија прашањето за влијанието на социјалните мрежи врз младите се третира како приоритетна јавна политика, со јасен тренд кон посеопфатна регулатива и координиран институционален пристап. Во изминатиот период се интензивираат напорите за воспоставување построги правила за заштита на малолетниците во дигиталниот простор, вклучително и ограничување на пристапот до одредени содржини, засилена верификација на возраста и поголема одговорност на технолошките платформи. Паралелно, се разгледуваат и мерки поврзани со користењето мобилни телефони во образовниот процес, како и иницијативи за европска координација и усогласување на пристапите меѓу државите.

Јавната расправа ќе биде организирана од Клубот за младински прашања и политики во соработка со Националната агенција за европски образовни програми и мобилност како дел од иницијативата Европска недела на младите 2026, каде што особено значење се дава на темата ментално здравје на младите.

Ги повикуваме сите засегнати страни, институции, граѓанскиот сектор, експерти, родители – заеднички да дојдеме до предлози како да се справиме со предизвиците на новото време, кои ги засегаат најмладите.

Ова не е партиско прашање, туку прашање на јавен интерес и одговорност кон идните генерации. Затоа мора да обезбедиме широк политички и општествен консензус.

Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ

Маркетинг
Ad 3
Ad 1