Connect with us

Вести

Муцунски: Нема нови евакуации од земјите од Заливот, сите граѓани што се пријавија се вратени

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски изјави дека државата успешно ги евакуирала сите свои граѓани што побарале да бидат извлечени од државите во Заливот нагласувајќи дека процесот е завршен и дека нови евакуации не се планираат.

– Ги организиравме чартер-летовите и ги евакуиравме сите наши граѓани кои до тој момент бараа евакуација. Последниот авион од Дубаи беше темпиран подоцна, но по тој процес веќе немаме намера да организираме нови евакуации, рече Муцунски.

Тој потенцира дека сите граѓани кои одлучиле да останат во регионот, и покрај постоечките политичко-безбедносни предизвици, тоа го направиле на сопствен ризик.

Муцунски истакна дека обврската на државата била да им овозможи безбедно заминување на сите што сакале да се вратат, додавајќи дека покрај домашните државјани, биле евакуирани и граѓани од други земји од регионот, како и од земји-членки на Европска Унија.

Во однос на трошоците, министерот информираше дека за евакуацијата била спроведена јавна набавка со максимален износ до еден милион евра, но конечната сума ќе биде дополнително утврдена.

-Ќе провериме со службите и ќе го доставиме точниот износ на потрошените средства. Тоа зависеше од бројот на реализирани летови, изјави Муцунски одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со неговиот казахстански колега Арман Шакалиев.

Тој нагласи дека државата донела одлука целосно да ги покрие трошоците за евакуација, за разлика од некои други земји кои барале рефундација од своите граѓани и истакна дека во такви кризни моменти, државата треба да стои покрај своите граѓани и да ја преземе одговорноста кон нив.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4