Connect with us

Економија

Македонија и Казахстан потпишаа два договори за интензивирање на економската соработка

Договор за формирање македонско-казахстански бизнис-совет и меморандум за промоција на трговијата и економската соработка потпишаа денеска Македонија и Казахстан на бизнис-форумот што се одржа во Стопанската комора. Целта на двата билатерални документи е јакнење на стопанските односи и зголемување на трговската размена.

На потпишувањето присуствуваа заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, и министерот за трговија и интеграции на Казахстан, Арман Шакалиев.

Шакалиев, кој претходно имаше средба со својот домаќин, македонскиот министер за надвореши работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, потенцира дека Казахстан е отворен за поддршка на инвестициски проекти и иницијативи.

– Соработката меѓу Казахстан и Македонија е заснована на заеднички интерес. Актуелната размена е скромна, но има огрони можности за нејзино зголемување. Голем потенцијал гледаме во земјоделството, дигиталните решенија, логистиката и индустријата. Македонија има стратешка географска позиција и претставува многу важен линк, кој овозможува поврзување со Балканот и пристап до пазарите на Југоисточна Европа. Остануваме посветени на подобрување на бизнис-условите преку поедноствување на процедурите, а важен чекор во оваа насока е воспоставувањето на бизнис-советот, кој ќе промовира директен дијалог меѓу бизнис-заедниците на двете земји – истакна Шакалиев.

Според Димитровски, денеска потпишаните два значајни документи се институционалната архитектура, која ќе му даде цврста рамка на идното билатерално партнерство. 

– Нашите две земји се можеби географски оддалечени, но нè обединуваат заедничките аспирации – економски раст, иновации и просперитет за нашите граѓани. Нашата држава се етаблира не само како сигурна и привлечна дестинација за странски инвестиции туку истовремено и како платформа за пристап до европскиот пазар. Со стабилно макроекономско опкружување, конкурентни даночни политики и стратешка позиција на Балканот, нашата економија нуди одржливи можности во индустриското производство, високите технологии, енергетиката, ИТ, земјоделството и логистиката. Особено се гордееме на нашиот напредок во дигиталната трансформација и зелената енергија, области во кои соработката со казахстанските партнери може да донесе значителна заемна корист. Истовремено, свесни сме за нашите сопствени потреби. Ние сме значителен увозник на енергија, а нашите политики се насочени кон диверзификација на енергетскиот увоз. Казахастан како еден од воведчките светски извозници на енергенти природно се вклопува во оваа стратешка ориентација. Тука не зборуваме само за компатибилност, туку за јасно стратешко вклопување на двете земји – истакна заменик-министерот.

Тој потсети дека пред една година министрите Муцунски и Шакалиев во Астана разговараа за можностите, а денес тие можности веќе се конкретизираат.

На бизнис-форумот се обрати и извршниот директор во Стопанската комора, Антони Пешев, кој порача дека на Македонија, како што ѝ е потребна европската интеграција, така ѝ е потребно да има и пријатели секаде во светот. Пешев и во оваа пригода укажа на важноста на извозот.

– Македонија мора да се навикне на големи пазари. Не треба да не плашат големите пазари и економските потенцијали, напротив, тоа треба да ни биде мотив како да извадиме максимум – нагласи Пешев.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3