Connect with us

Вести

Тошковски во Вашингтон: Продлабочување на безбедносната соработка меѓу Македонија и САД

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски деновиве престојува во работна посета на Вашингтон, во рамки на втората сесија од Стратешки дијалог Македонија – САД, процес од исклучително значење за унапредување на националната безбедност и безбедноста на граѓаните.

Во текот на посетата, министерот Тошковски оствари повеќе значајни средби со високи претставници на американските безбедносни институции, меѓу кои со Николас Колура, заменик-помошник државен секретар и директор на Diplomatic Security Service (DSS), со Кристофер Г. Раја, заменик-директор на ФБИ, со Грегори Дукот, директор на ICITAP, како и со Дејвид М. Бедард, заменик-помошник државен секретар од Бирото за меѓународни наркотици и спроведување на законот.

На средбите беше констатирано дека Македонија е препознаена како доверлив и оперативен безбедносен партнер на Соединетите Американски Држави, со кој соработката се продлабочува во конкретни области од заеднички интерес.

„Овие средби испраќаат јасна порака дека Македонија е препознаена како доверлив партнер на САД, со кој се гради продлабочена и конкретна соработка во клучните безбедносни области“, истакна министерот Тошковски.

Фокусот на разговорите беше ставен на борбата против трговијата со луѓе, нелегалната трговија со дрога, транснационалниот организиран криминал, зајакнувањето на граничната безбедност, како и справувањето со тероризмот.

Посебно беше нагласена континуираната поддршка преку програмата ICITAP за Министерството за внатрешни работи, особено во делот на јакнење на институционалните капацитети, обуките и модернизацијата, вклучително и унапредување на работата на полициската академија.

„Поддршката од нашите американски партнери, особено преку ICITAP, има клучна улога во модернизацијата на полицијата и зајакнувањето на нашите капацитети за справување со современите безбедносни предизвици“, нагласи Тошковски.

Оваа посета уште еднаш ја потврдува стратешката определба за продлабочување на партнерството со Соединетите Американски Држави и за заедничко справување со безбедносните предизвици, при што во наредниот период се очекува дополнително интензивирање и зајакнување на соработката на сите клучни полиња.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1