Connect with us

Вести

Нема докази дека Мартин Саздов и се заканувал на Ивана, Стојанче глуми жртва за да избегне кривична одговорност, вели Бојчевиќ

Обвинителката Адела Бојчевиќ денеска, во врска со исказот на обвинетиот Стојанче Јовановски во судот, изјави дека неговиот исказ бил очекуван и насочен кон тоа да се прикаже како жртва, со цел да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар.

– Денешниот исказ на обвинетиот беше очекуван за мене како обвинителка. Очекувано беше да се стави во улога на жртва и на тој начин да се обиде да ја избегне кривичната одговорност што му се става на товар, наспроти сите материјални и вербални докази што ги изведов, рече Бојчевиќ.

Посочи дека доказите, особено психолошкото вештачење и мислењето на вештите лица, укажуваат на карактеристики кај обвинетиот, кои, според неа, ќе бидат детално елаборирани во завршниот збор.

– Од друга страна, доказите, особено психолошкото вештачење и мислењето на вештите лица, укажуваат на личносни карактеристики кај обвинетиот како изразена манипулативност, тенденција кон искривување на вистината во насока на самозаштита и префрлање на кривичната, односно каква било одговорност, на други лица, како и минимизирање на сопственото однесување и на личната одговорност. Ова не е моја субјективна проценка. Сето тоа детално ќе го елаборирам во завршниот збор, заедно со останатите докази, со цел пред Судот да се добие јасна и целосна фактичка состојба – рече Бојчевиќ.

Во делот од исказот што се однесува на тврдењата дека во телефонот на обвинетиот имало докази оти Мартин Саздов му се заканувал, Бојчевиќ рече дека анализата на електронската комуникација не дала потврда за такви наводи

– Во делот каде што тврдеше дека во неговиот телефон има докази дека Мартин Саздов му се заканувал, прашањето е дали тој телефон е проверен и дали тоа било пријавено. Ние ја анализиравме електронската комуникација што беше пронајдена во телефонскиот уред, но не најдовме дополнителни сознанија што би го потврдиле тоа – рече обвинителката.

За евентуално претходно пријавени случаи, додаде, постојат надлежни органи кои постапуваат, но нагласи дека не може да коментира надвор од предметот на обвинение.

– Од друга страна, ако нешто претходно било пријавувано, постојат надлежни органи кои постапуваат по тоа, како и за секој друг случај. И за случајот што го спомнува другата страна, исто така постојат надлежни органи кои постапуваат. Јас не би можела да коментирам ништо надвор од она што е предмет на обвинение и што се работи во овој предмет – рече обвинителката.

Во однос на тврдењата дека Мартин ја удирал Ивана, Бојчевиќ рече дека Обвинителството нема такви сознанија ниту за критичниот ден, ниту за периодот пред тоа.

– Во однос на тврдењата дека Мартин ја удирал Ивана, ние немаме такви сознанија, ниту за критичниот ден, ниту претходно. Доказите со кои располагаме, особено оние што произлегуваат од електронската комуникација, детално ќе ги елаборирам во завршниот збор. Во оваа фаза не би можела однапред да коментирам – посочи Бојчевиќ.

Денешниот исказ на обвинетиот, таа го оцени како обид да не биде прикажан како сторител, туку како жртва во настанот.

– Целиот исказ го гледам само како обид обвинетиот да се прикаже не како сторител, туку како жртва во целиот настан. Тоа е мојата целосна слика, а доказите што ги имаме одат во прилог на таквиот заклучок – подвлече Бојчевиќ.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4