Connect with us

Вести

Мицкоски: Професорите ќе мора да пишуваат и трудови, оние што го критикуваат законот се плашат од новите критериуми за избор во звање

Откога е во примена Законот за високото образование од 2018 година, нашите универзитрти ги нема на меѓународните ранг-листи. Професорите бараат и имаат повисоки плати, а не пишуваат нитеден научен труд во годината. Така повеќе не може да биде – порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. 

Одговарајќи на новинарски прашања, тој рече дека „импровизираат и манипулираат сите оние политички шпекуланти кои велат дека со законот за високото образование се нарушувала автономијата на универзитетите“.

– Тие во суштина се плашат од новите критериуми за избор во звање. На состанокот што вчера го организира МОН во Владата, ректорите на државните универзитети, буквално сите, дадоа поддршка на законот – изјави Мицкоски по поставувањето камен-темелник за доградба на ООУ „Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров. 

Како што рече, на Шангајската листа паднал за илјада места во рангирањето, а може воопшто повеќе и го нема, рече тој, најстариот и најреномиран наш универзитет „Свети Кирил и Методиј“.

– А едно време беше рангиран. Е, сега, тие сакаат да работат еден ден во неделата, сакаат плата од 120 до 150 илјади денари, а не сакаат ниеден труд да напишат годишно, а тоа им е работа. Еден труд. Тоа е исто како јас како претседател на Владата да доаѓам на работа половина ден во неделата и да барам да имам десет пати повисоки примања и да не одговарам за ништо во државата. Тоа не оди така. Оваа Влада им ги покачи платите на универзитетските работници двојно како резултат на колективниот договор. Суштината е таа. Не сакаат да работат. Сакаат да имаат шест часа неделно, да ги затворат во еден ден, сакаат 120, 130, 150 илјади денари плата и ниеден научен труд да не напишат. Тоа повеќе не може да биде – изјави Мицкоски.

Како што рече, покрај предавањата и соработката во проекти, имаат обврска да пишуваат и научни трудови и дека државата веќе им обезбеди бесплатен пристап во светските научни бази. 

– Тоа е она што го бараме. На одредени факултети им пречеше Web of Science. Добро, ја проширивме базата, еве и Scopus ќе биде. Оваа Влада им овозможи бесплатно да пристапат во базите на списанија во рамките на Web of Science и Scopus. Е, па, не знам што повеќе да направиме. Мора да работат. И ако сакаме да имаме иднина како држава, мора да се зафатат со работа – порача премиерот. 

Во врска со законот за високо образование (кој е најобемен во пакетот од три закони за реформи во високото образование и науката), министерката Весна Јаневска изјави дека тој е веќе затворен и ќе оди во владина процедура.

– Ние вторпат го поставивме законот на ЕНЕР и се договоривме да оставиме уште два-три дена за да стигнат одредени сугестии. Стигнаа одредени сугестии од уметничките факултети. Јас и тимот имавме средба со деканите на трите уметнички факултети на „Св. Кирил и Методиј“. Се договоривме за една измена, која јас и целиот тим сметавме дека е оправдана, и нивното барање беше оправдано, и таа измена е вметната. По настанот вчера во Владата, каде што имавме средба со седумте ректори и присутни голем број професори од сите универзитети во земјата, законот е веќе затворен и ќе оди во владина процедура – соопшти Јаневска. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 2