Connect with us

Економија

Мицкоски: Ако се носат мерки ќе бидат за одредени сезонски производи, имаме можност ДДВ да се намали од 5 проценти на 0

Премиерот Христијан Мицкоски во однос на можноста за реакција од Владата по анализата на цените на прехранбените производи што ја подготви Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и поскапувањата по конфликтот на Блискиот исток, изјави дека такви мерки може да има за одредени сезонски производи и оти ќе се реагира во зависност од движењето на нивните цени.

Во одговор на новинарско прашање Мицкоски денеска рече дека има можност да се намали ДДВ од 5 на 0 проценти затоа што, рече, „маржата што ја имаат и дистрибутерите и продавачите според нас е под 15 проценти, а според нив е под 10 проценти“.

Откако вчера беше продолжена кризната состојба поради снабдувањето со нафтените деривати до 20 јули, во зависност од движењата на берзанските цени на нафтата за првата половина од месецов Владата денеска ќе и препорача на Регулаторната комисија за енергетика како да реагира кај акцизата за бензините и дизелот.

– Извештајот (на ДПИ) е анализиран и мерките кои евентуално би се презеле се мерки кои би се аплицирале за одредени сезонски производи. Анализата опфаќа следење на моменталната цена на тие производи, како што се доматите, краставиците, итн,…кои пак за една недела двојно ја намалија својата цена. Многу внимателно ја следиме состојбата за тие производи и во зависност од тоа како ќе се движат така и ќе реагираме. Имаме на располагање можност ДДВ да го намалиме од 5 проценти на 0, затоа што маржата којашто ја имаат и дистрибутерите и продавачите според нас е под 15 проценти, а според нив е под 10 проценти – изјави Мицкоски.

Според него, многу била важна средбата на почетокот на кризата со сите ланци на маркети кога Владата ги предупреди да не се однесуваат шпекулативно и како што рече, досега имаме фер плеј, не се однесуваат шпекулативно, односно не ги зголемуваат маржите туку напротив ги намалуваат бидејќи им се зголемува волуменот.

– Од тој аспект ја следиме многу внимателно состојбата и единствената алатка којашто ја имаме е ДДВ од 5 проценти на 0 – изјави Мицкоски, по присуство на поставување камен темелник за доградба на ООУ„Страшо Пинџур“ во Ѓорче Петров.

Тој потсети дека кризната состојба за снабдувањето со нафтените деривати е продолжена до 20 јули соопшти дека денеска на седница на Владата ќе треба да се даде препорака до Регулаторната комисија за енергетика акцизите за дизелот и бензините.

– Ако цената е меѓу 800 и 1.000 долари по тон тогаш намалувањето на акцизата по литар е денар, ако е од 1.000 до 1.200 долари е 2 денара, а ако е над 1.200 долари по тон тогаш е 4 денари и мора да се движиме во рамките на тој закон. Бидејќи поминуваат првите 15 дена од април денеска ги чекаме пресметките како се движела цената на Плац Италија и врз основа на тоа така ќе и препорачеме на РКЕ како да се однесува кон акцизите – рече Мицкоски.

Очекува голем дел од европските земји да интервенираат кај ДДВ, затоа што, посочи, голем дел од зголемените цени се и увозни.

– Државава се справува убедливо најдобро во регионот па и поширко. Кога ние го намаливме ДДВ имаше и такви кои не критикуваа а и претседателката на Европската Комисија им препорачува на сите влади во рамки на Европската Унија да интервенираат кај ДДВ, тоа го направи Шпанија, делумно Италија, делумно Германија, така што очекувам голем дел од европските земји тоа да го сторат. Нам тоа ни е важно затоа што голем дел од зголемените цени се и увозни, ако таму поевтинат ќе поевтинат и тука – истакна Мицкоски.

Повтори дека државава нема какви било предизвици во ланецот на снабдување со нафта и нафтени деривати и оти имаме најевтини горива во регионот, потенцирајќи дека со керозин кај нас се снабдуваат неколку аеродроми од регионот покрај набавката на горива што ја прават граѓаните од соседните држави кај нас на бензинските станици на пограничните места.

– Доколку се случи таков предизвик тогаш навремено ќе се „препакуваме“ и ќе подготвиме нова стратегија, изјави премиерот Мицкоски.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2