Економија
Собранието до 20 јули ја продолжи кризната состојба поради ризици во снабдувањето со нафта и нафтени деривати
Поради продолжените ризици од нарушување на снабдувањето со нафта и нафтени деривати, Собранието денеска на пленарна седница го усвои предлогот да се одобри продолжување на рокот за постоење кризна состојба на територијата на Македонија. Со одлуката, која претходно доби поддршка и од Комисијата за одбрана и безбедност, кризната состојба се продолжува до 20 јули 2026 година, а ќе почне да се применува од 21 април 2026 година, по нејзиното објавување во „Службен весник“.
Во образложението пратениците беа информирани дека продолжувањето на кризата е условено од неповолната меѓународна безбедносна и енергетска состојба по ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и сериозните нарушувања во транспортот на сурова нафта, особено преку Ормуската Теснина, кој е еден од клучните светски енергетски коридори.
Според процените на надлежните институции, по нападите извршени кон крајот на февруари годинава и последователното блокирање на поморските патишта, протокот на нафта низ Ормуската Теснина значително е намален, што создава ризик од глобален недостиг и зголемување на цените, со директни последици и врз домашниот пазар.
Владата веќе презема низа мерки за ублажување на последиците од кризната состојба, меѓу кои намалување на данокот на додадена вредност за енергентите и намалување на акцизите за дизелот и за безоловните бензини, со цел заштита на стандардот на граѓаните и обезбедување стабилно снабдување.
Предлогот за продолжување на кризната состојба беше усогласен со заклучоците на групата за процена на ризици и опасности и на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, кои оценија дека причините за нејзиното прогласување сѐ уште не се надминати.
Со денешното гласање Собранието им даде овластување на Владата и на надлежните институции и во наредниот период да продолжат со координирано управување со состојбата и со примена на мерки за обезбедување сигурно снабдување со енергенти.
април 16, 2026

