Култура
Дваесет години музеј „Теракота“ во Виница
По повод 20 години од формирањетој на Локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“, денеска и утре Виница е домќин на низа содржини и свечености со кои се одбележува јубилејот на оваа установа од културата.
Програмата предвидува научна конференција, културно-уметнички настани, изложба и чествување на значајни личности од македонската култура и наука.
Прославата започна утринава во 10 часот, со научна конференција на темата „Музеите – трезори на културната меморија – предизвици и перспективи за развој“, која во моментов се одржува во салата за состаноци на „Прогресив академија“ во Виница.
Во вечерните часови, од 20 до 24 часот во „Александар Парк“, ќе се одржи свеченост со музичка програма и забава.
Настап ќе имаат учениците од ОМУ „Ристо Јуруков“ од Кочани, а ќе бидат доделени и признанија на поединци заслужни за основањето и развојот на музејот.
Посетителите ќе имаат можност да ја разгледаат изложбата „Виничко Кале“, по што ќе следуваат коктел и дружење.
Јубилејната програма продолжува утре, кога во Сината сала на Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница, со почеток во 12 часот, ќе се одржи чествување на ликот и делото на д-р Коста Балабанов, еден од најзначајните македонски археолози и историчари на уметноста, човекот кој има најголем придонес во светската афирмација на теракотните икони од Виничкото Кале.
јуни 2, 2026
