Општини
Европска куќа за млади во Занаетчискиот дом во Куманово
Советот на Општина Куманово донесе одлука со која централен простор во Занаетчиски дом без надомест ќе ѝ биде отстапен на Делегацијата на Европската Унија за отворање Европска куќа за млади. Според претставникот на секторот за правни работи од општина Куманово, Иван Ангеловски, станува збор за недвижен имот во сопственост на Општина Куманово.
– Во конкретниот случај се работи за деловен простор во Занаетчиски дом, со површина од 48 квадратни метри, согласно скица за премер. За да биде појасно, тоа е просторот каде претходно беше сместен кафе бар и пред тоа бутик-рече Ангеловски.
Претседателката на Советот, Ивана Ѓорѓиевска, посочи дека Делегацијата на ЕУ покажала интерес Европската куќа за североисточниот плански регион да биде сместена токму во Куманово.
-Просторијата се ослободи, а претходно распишавме и јавен повик. Делегацијата на Европската Унија навистина е заинтересирана да дојде во Куманово од Крива Паланка. Проблемот беше што немаше простор во централното градско подрачје. Мислам дека тука им е местото – рече Ѓорѓиевска.
Дел од советниците кажаа дека младите од Куманово ќе имаат можност да посетуваат различни манифестации и обуки за младите, да стекнуваат нови знаења, да имаат полесен пристап за образование, волонтерство и меѓународна соработка. Одлуката ја донесе мнозинството советници по добиеното писмо со намера, од страна на Делегација на Европска Унија во Македонија.
мај 26, 2026
