Општини
Над велешкото езеро „Младост“ засадени 2500 млади дрвца
Под слоганот „Наша Европа – растеме заедно!“, Садиме 2500 садници! денеска успешно се реализираше акцијата за пошумување над велешкото езеро „Младост“ во реонот „Бела Вода“, во која беа засадени 2500 садници со јасен и јавор.
Настанот се одржа по повод Денот на Европа, во организација на Делегацијата на Европската Унија во земјата и мрежата на Јуроп Хаус во Велес која ги набави садниците од ЈП „Македонски шуми“ – Шумско стопанство „Бабуна“ кои им дадоа и логистичка поддршка во акцијата за пошумување.
Во еколошката акцијата учествуваа над 150 ученици, млади и претставници на организации, кои заеднички испратија силна порака за грижа за животната средина, солидарност и заедничка европска иднина.
На настанот присуствуваа амбасадорката на Литванија во Скопје Вилма Дамбраускиене, амбасадорката на Словачка- Ивета Хрикова, претставници од Амбасадата на Грција, Мартин Шродер – заменик шеф на политичкиот сектор на Делегацијата на европска унија и претставници од Делегацијата на Европската Унија, како и градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев со својот тим.
Претставникот на Делегацијата на Европската унија во Скопје, Мартин Шродер ја пренесе заложбата да се помогне во обновување на шумскиот фонд над велешко езеро „Младост“ целосно деградиран по големиот шумски пожар во месец август 2015 година.
Од Јуроп Хаус во Велес воедно порачуваат до граѓаните на Велес и сите посетители да ги чуваат засадените садници да пораснат во убава нова шума, новите бели дробови над велешко езеро „Младост“.
Тие воедно ги повикуваат граѓаните во наредните викенди, како и понатаму кога се слободни да им се приклучат во акциите за наводнување на младите садници или самоиницијативно да отидат и да ги наводнуваат со цел дрвцата да се зафатат и да почнат да растат.
Денешната акција за пошумување над велешкото езеро „Младост“ е настан од серијата активности, по централниот настан кој се одржа во саботата во Скопје, а караванот продолжува со уште четири настани низ Македонија.
мај 12, 2026
