Connect with us

Општини

Во Бигорски манастир одржана 39. Копаничарска колонија и 70. изложба на ЗКМАК

Здружението на копаничари на Македонија – ЗКМАК, ја одржа 39. колонија во Бигорскиот манастир, придружена со 70. изложба на разни дрворези, со поддршка и соработка на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер и Бигорскиот манастир, како уште едно значајно сведоштво за живото продолжување на традиционалната уметничка резба.

Во колонијата, која траеше четири дена, а заврши денеска,  учествуваа десетина копаничари од Здружението, заедно со студенти од Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер, кои преку непосредна работа, разговор и практично искуство имаат можност поблиску да навлезат во тајните на оваа исклучителна уметност. На изложбата беа поставени 33 дела во плитка и длабока резба, изработени од 14 учесници од повеќе градови и места: Битола, Блатец, Кичево, Неготино, Охрид, Скопје, како и од Србија.

– Бигорски е природен дом на копаничарската инспирација – место каде што славниот Петре Филиповски – Гарката го оставил своето највеличествено дело, бигорскиот иконостас, и место каде што самиот Гарката, како син на овој крај, духовно и творечки се чувствувал дома. Токму затоа, присуството на копаничарите во Бигорски не е само културен настан, туку и враќање кон изворот, кон живото предание, кон просторот каде што молитвата, уметноста и трудот се среќаваат во едно заедничко сведоштво, рече архимандрит Доситеј.

Владиката г. Партениј, со внимание и радост ги набљудуваше работните активности на учесниците, се задржа пред изложените дела, ги поздрави присутните копаничари, професори, студенти и љубители на оваа благородна уметност и ја изрази својата искрена радост што колонијата повторно се одржува токму во Бигорски – во просторот каде што „резбата не е само уметнички израз, туку и молитвено предание, жива историја и духовен белег на нашиот народ“. 

Главната цел на ЗКМАК е зачувување, негување и афирмирање на македонската копаничарска традиција – уметност којашто во нашиот народ не е само занает, туку и културна меморија, духовно наследство и израз на длабока творечка посветеност. Здружението, формирано во 1993 година, повеќе од три децении непрекинато ја одржува оваа благородна дејност преку изложби, колонии, едукативни активности и јавни претставувања на резбарското творештво.

Според архимандри Кирил, историјата на колонијата е нераскинливо сврзана за Бигорскиот манастир. 

-Првата колонија се одржала токму тука, од 3 до 10 јуни 1994 година, а во периодот 1994–2000 во Бигорски се одржаа седум последователни годишни сесии. Оттогаш колонијата продолжи да гостува и во други места (Согле, Смилево, Папрадиште, Велешко и др.), градејќи мост меѓу различни резбарски средишта во земјата. Со овогодишното издание, ЗКМАК свесно се навраќа на изворот, пред бесценетото дело на Гарката, чиишто извонредни резбарски вештини, поезијата на формата и тајните на умешноста и денес се учебник за секој што зема длето в рака, рече архимандрит Кирил за МИА

Маркетинг
Ad 1
Ad 1