Општини
Во Штип одбележан Денот на медицинските сестри
Во последните години, сè поизразен станува проблемот со недостиг на медицински кадар, особено медицински сестри, истакна на денешната прес-конференција Билјана Рогожарска, претседател на Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки-Штип, а организирана по повод Денот на медицинските сестри.
Голем број здравствени установи се соочуваат со недоволен број вработени, што создава дополнителен притисок врз постојниот персонал. За поголема нивна заштита на денешната прес-конференција од Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки во Штип, ја потенцираа потребата од донесување на посебен Закон и формирање на комора, по урнекот на лекарите. Би добиле поголема правна заштита и би го заштитиле достоинството на сестрите. Медицинските сестри би можеле директно да учествуваат во донесувањето на одлуките во Министерството и би биле активни во секој Закон што би се донел, а се однесува на нив, изјави Билјана Рогожарска, дипломирана медицинска сестра во Клиничка болница – Штип.
Таа посочува дека медицинските сестри во Македонија, се уште немаат дефиниран статус.
– Ние сме медицински сестри со завршено образование. Јас сум 30 години медицинска сестра, а се уште немам лиценца, како што имаат сестрите на запад-вели Рогожарска.
Посочува дека ова е од суштинско значење, заради фактот што постои голем одлив на кадарот. Причините за оваа состојба се различни, ниски плати, тешки услови за работа, прекумерно работно време, недоволна мотивација, како и иселувањето на медицинскиот кадар во странство во потрага по подобри услови и повисоки примања.
– Многу е жално што младиот кадар кој излегува од нашите училишта не остануваат овде. Затоа ни треба помош од Министерството, ФЗО и Министерството за финансии, да имаме повеќе вработувања, затоа што евидентно е дека само последната недела пет сестри заминаа во пензија, а да не зборуваме за месеците нанапред, кога допрва ќе имаме сестри кои ќе одат во пензија, а со самото тоа, нашите болнички одделенија остануваат без кадар – изјави Рогожарска.
Недостатокот на медицински сестри директно влијае врз квалитетот на здравствената заштита, што во крајна сметка секојдневно го чувствуваат пациентите. Инаку, во штипската Клиничка болница во тек е оглас за вработување на 23 лица, од кои најголемиот дел од работни позиции се за медицински кадар, болничари и хигиеничари.
мај 12, 2026
