Connect with us

Општини

Делчево со свеченост ги одбележа 9 Мај – Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

По повод 81-годишнината од победата над фашизмот и 76-годишнината од Денот на Европа, денеска во Делчево се одржа свеченост пред споменикот на паднатите борци во центарот на градот.

Во рамки на одбележувањето, членовите на КУД „Гоце Делчев“ подготвија пригоден реферат посветен на Народноослободителната борба во Македонија и победата над фашизмот, како и осврт за значењето на 9 Мај – Денот на Европа.

Пред споменикот на паднатите борци се поклонија и цвеќе положија делегација од Општина Делчево, претставници на институции, политички партии и здруженија на граѓани.

Одбележувањето беше посветено на два значајни историски настани кои оставија траен белег во светската историја. На 9 мај 1945 година, со потпишувањето на безусловната капитулација на нацистичка Германија, официјално заврши Втората светска војна во Европа. Во војната учествувале 61 држава со околу 2,1 милијарда жители, односно 96 проценти од тогашното светско население, а животот го загубиле повеќе од 50 милиони луѓе.

Пијанец во Втората светска војна дал 150 жртви во борбата против фашизмот. Во нивна чест, во центарот на Делчево е изграден монументален споменик на кој се испишани имињата на загинатите борци, како и пораката: „Сонцељубиви, зар без вас ќе бевме она што сме, не смрт без слобода, не без Македонија“.

Денеска се одбележуваат и 76 години од Шумановата декларација, документот што ги постави темелите на Европската Унија. На 9 Мај симболично се чествува визијата за мирна и обединета Европа, претставена од Роберт Шуман во 1950 година.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3