Connect with us

Општини

АХВ почна со активности на локално ниво со цел изработка на нова национална стратегија за бездомните кучиња

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), денес во Тетово почна со првата од серијата работилници „Ангажманот на локалната заедница во управување со популацијата на кучиња“ кои ќе се реализираат во рамки на иницијативата за решавање на проблемот со бездомните кучиња низ Македонија. 

Овие работилници ќе се одржуваат во сите осум плански региони низ државата и треба да резултира со нова национална стратегија посветена на проблематиката со бездомните кучиња. Ваквите работни состаноци се со цел запознавање на локалната самоуправа со одредени активности коишто ќе треба да се преземат во наредниот период околу популација на бездомни кучиња. 

-Да почнеме со пребројување како на бездомните, така и на сопственичките кучиња. Ќе ни претставува всушност темел за отпочнување со една нова стратегија на национално ниво којашто ќе се темели на стратегии за секој регион, посебно поради тоа што се работи за разни различни специфики, односно се работи за различни населени места, рурални и градски средини, ќе мора во секој регион да се направи посебна стратегија во којашто подоцна ќе се инкорпорира во една национална стратегија и потоа ќе се почне со нејзина реализација, изјави Тања Ристевска Ололовска, раководител на сектор за инспекциски надзор при Агенција за храна и ветеринарство.

Освен овие работни состаноци со засегнатите групи на локално ниво, има формирано работна група во која членуваат државните установи како што се Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за локална самоуправа, Министерството за животна средина и просторно планирање. Вклучени се и институции како ЗЕЛС (Заедница на единиците на локална самоуправа) Ветеринарната комора, професори од Ветеринарниот факултет, како и здруженија за заштита на животни и активисти.

-Знаеме дека проблемот со бездомните кучиња е голем и постојано се зголемува но, тој проблем не е нерешлив. Како што го решиле во другите европски држави и ние ќе одиме по тие принципи на решавање за проблемот да се реши на цивилизиран начин, без труење на животните, без убивање, без малтретирање, и без дислокации. Има начини како тоа да се направи, истакна Тања Ристевска Ололовска. 

На работилницата беа презентирани новите пристапи за управување со популацијата бездомни кучиња каде преку стандардите на хуман, стручен и безбеден начин ќе се заштитат, како и благосостојбата на животните и јавното здравје.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1