Вести
ЕСЕ: Низок опфат на жените со скрининг на рак на грлото на матката и со вакцинација, ПАП-тестот да се замени со ХПВ-тест во скрининг-програмата
Во 2023, 2024 и во 2025 година бројот на жени опфатени со скрининг на рак на грлото на матката се намалува, од 64.000 во 2023 година на 33.000 во 2025 година, што значи за период од три години имаме опфат од само 32 отсто од жените наместо посакуваната цел на опфат од 70 до 75 отсто. Поради тоа, во Македонија секоја година се дијагностицираат 24 жени на 100.000 со рак на грлото на матката. Тоа е двојно повеќе од Србија, речиси тројно повеќе од Словенија и од Грција – рече денеска координаторот на здравствената програма во Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), Борјан Павловски.
Значи, посочи тој, за жал, во соседството сме на најнеповолно место затоа што нема соодветен опфат со вакцинација, ниту соодветен опфат со скрининг за рак на грлото на матката.
– Ракот на грлото на матката е еден од најчестите карциноми кај жените на светско ниво и кај нас и е четврти по ред карцином според појава и смртност. Ова е единствениот карцином за кој Светската здравствена организација и многу држави во светот се заложија дека ќе ги елиминираат смртноста и појавата на овој вид карцином. Тоа може да се постигне преку 90 отсто опфат на девојчињата со ХПВ-вакцина, 70 отсто опфат на жените со скрининг за рак на грлото на матката и 90 отсто од жените што имаат промени да се третираат. За жал, кај нас програмата за скрининг на рак на грлото на матката, иако постои на хартија и секоја година се усвојува од Владата, во пракса речиси и да не се спроведува. Најновите податоци што ги добивме се дека од 2025 година се опфатени речиси 33.000-34.000 жени, што е само седум отсто – рече Павловски.
Дополнителен проблем со скринингот, покрај нискиот опфат на жените, појасни, е тоа што сè уште кај нас скринингот е со ПАП-тест наместо да се следат најновите светски препораки на СЗО и од развиените држави ПАП-тестот да се замени со ХПВ-тест.
– Затоа апелираме преку програмата за скрининг ПАП-тестот да се замени со ХПВ-тест затоа што е многу прецизен, многу полесен за земање и секоја жена или секој здравствен работник може да го земе овој тест и неговата точност е речиси 99 проценти. Затоа Министерството за здравство и Владата треба да се обврзат и да ги зголемат финансиските средства за оваа програма затоа што преку вложувањето во скрининот не само што ќе се спасат животите на жените, што е најважно, туку ќе се подобри и нивното здравје и ќе се заштедат големи средства за комплицираните третмани. Кај нас кај најголем број од жените ракот на грлото на матката се открива во доцна фаза и се подложни на агресивни третмани, операции, хемотерапија, зрачење, од кои не само што страдаат женитет туку и државата троши поголеми средства – истакна Павловски.
Потенцира дека многу поисплатливо е да се вложи во скринингот и во вакцинацијата и за тоа се потребни кампањи за едукација, информација за девојките и за жените за користа и од ХПВ-вакцината и за потребата од правење редовен ХПВ-тест на секои три-пет години со цел навреме да се откријат промените на ракот на грлото на матката и тој може комплетно да се елиминира и да се спречи смртноста.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој нагласи дека опфатноста со ХПВ-вакцинацијата е на многу ниско ниво, околу 50 проценти, иако таа е задолжителна според Законот за заштита од заразните заболувања.
– За жал, населението кај нас е подложно на многу дезинформации што се шират на социјалните медиуми и на тие антивакцинални кампањи, кои кажуваат дека ХПВ-вакцината е штетна, дека предизвикува разни проблеми кај девојчињата и децата, што воопшто не е точно. Затоа се потребни кампања и едукација и на родителите и на девојките за тоа колку е важно да се прими ХПВ-вакцината бидејќи таа штити не само од вирус туку и од рак на грлото на матката и нема никакви сериозни штетни последици. Во државата е донесена најсовремена деветовалентна ХПВ-вакцина, која штити од ХПВ-вирусот, кој предизвикува рак. Навреме треба се вакцинираат девојчињата и момчињата на 12 години, како што е според календарот за имунизација. Кај мажите сè повеќе се открива рак на грлото и на јазикот предизвикан токму од овие исти ХПВ-вируси, а кои кај жената го прават ракот на грлото на матката – рече Павловски.
Тој смета дека десет милиони денари, кои се одвоени само за скрининг на рак на грлото на матката, воопшто не се доволни.
– Постојано ги праќаме нашите препораки до Министерството за здравство со години, меѓутоа реално немаме релевантен одговор, туку само гледаме дека речиси десет години буџетот на програмата за рана детекција и скрининг на малигни заболувања останува ист. Не можеме да очекуваме подобрување без зголемен буџет – додаде Павловски.
април 28, 2026

