Connect with us

Вести

Мисајловски: Нашите македонски војници работат во согласност со највисоките НАТО-стандарди

Нашите македонски војници работат во согласност со највисоките НАТО-стандарди – рече денеска министерот за одбрана Владо Мисајловски на Денот на високи гости на вежбата „Блесок 26“ на армискиот полигон Криволак. 

– Гордост е да се биде министер на ваква Армија. Навистина сте гордост на државата! Тука на армискиот полигон Криволак, нашиот најголем полигон за обука и еден од капацитетите по кои сме препознаени во алијансата, сите ние бевме сведоци не само на демонстрација на способности туку и на дисциплина, прецизност и вистински професионализам. Бевме сведоци на она што ние како раководство постојано го говориме, а тоа е фактот дека нашите македонски војници работат во согласност со највисоките НАТО-стандарди покажувајќи дека нивната извонредност не е цел што треба да ја достигнеме, туку тоа е реалност – истакна тој. 

Притоа нагласи дека процесот на НАТО-оценувањето, кој траеше во април, докажа една голема вистина, а тоа е дека припадниците на Лесната пешадиска баталјонска група и сите други единици што служеа како поддршка во рамките на оценувањето се „способни за реализацијата на мисијата“, односно борбено способни. 

Оценка, која, како што рече, во неден момент немал сомнеж дека нема да ја добијат. Тој упати честитки до секој македонски војник и до сите други инволвирани за, како што додаде, најголемиот успех досега постигнат. 

– Мојата процена од самиот почеток се базира на два клучни аспекти. Првиот е професионализмот на македонските војници, во кој цврсто верувам. Евидентни се нивната мотивација и посветеноста да бидат најдобри, да бидат гарант на безбедноста на татковината, нивната подготвеност и способноста, кои ги покажуваат дома и во рамките на алијансата. Вториот е процесот на модернизација, кој ни овозможи и на оваа вежба да ги видиме новите зајакнати капацитети на Армијата. Инвестираме многу – во ново лично вооружување, во нови и напредни капацитети, во силна кибертодбрана, во нови оклопни возила, инженериски машини, беспилотни летала итн. За сето ова имаме план, кој доследно го следиме и имаме силна поддршка и од претседателката и од Владата за што сум им неизмерно благодарен – истакна министерот за одбрана. 

Нивната поддршка, рече, овозможила да се има стабилен раст на одбранбениот буџет и сериозни инвестиции во нова и софистицирана опрема, кои, како што појасни, достигнуваат 32,5 проценти од буџетот на Министерството.

– Да упатам честитки до сите армиски припадници вклучени во организацијата и реализацијата на оваа вежба. Навистина комплексна задача имајќи предвид дека над 1.500 армиски припадници работеа на фиктивно сценарио со 25 настани и над 100 инциденти. Вашата посветеност беше видлива и денеска и при реализацијата на вежбата која завршува со целосен успех – истакна Мисајловски. 

Потврдата за ова, рече, за овој најголем успех доаѓа токму од тимот на мониторингот на НАТО, кој го заверил финалниот извештај од оценувањето, реализирано во согласност со 799 критериуми, по највисоките НАТО-стандарди.

– Македонската Армија прави историски чекор напред во поглед на своите капацитети. Оперираме со нова, софистицирана опрема, како и секоја друга НАТО-армија. Нашите припадници се на исто ниво со другите од алијансата. Имаме целосна интероперативност, која ни овозможува заеднички да го одбраниме она што ние нам најсвето, а тоа се слободата, татковината, демократијата. Да ги одбраниме нашите вредности, кои се вкоренети во македонското општество – истакна тој. 

Притоа истакна дека во време на сериозни геополитички промени и време на нестабилност, да се има Армија која е способна да биде гарант на безбедноста на државата и истовремено способна да дејствува како едно со армиите на сојузничките земји е чест и задоволство.

– Од оваа говорница ќе упатам уште една порака, а тоа е дека не застануваме тука. Продолжуваме со силните инвестиции во Армијата затоа што безбедноста за нас е пред сè. Таа е темелот на општествениот и на економскиот развој. Продолжуваме со набавките на нова опрема, продолжуваме со обуките и вежбите и продолжуваме со грижата за секој армиски припадник зашто нивната мотивираност и посветеност се клучните состојки за силна Армија – порача Мисајловски. 

Маркетинг
Ad 3
Ad 1