Connect with us

Вести

Се најавува Центар за хронични рани и гангрени: Нов објект со 100 кревети и операциона сала

Набргу на Влада треба да помине проект за изградба на центар за хронични рани и гангрени – најави директорката на Геријатрија, Ленче Нелоска. 

Таа вели дека се среќни што, како што истакна, еден стар проект, кој бил замрзнат, повторно е актуелен.

– Очекуваме набргу да помине на Влада изградба на центар за хронични рани и гангрени. Со изградба на ваков објект, кој треба да биде овде (кај што се овие стари бараки), објект на приземје и два ката… На приземјето планирани се 18 амбуланти, во кои ќе бидат застапени сите наши дејности и методи и консултативни амбуланти. На вториот кат планирани се 80-ина геријатриски кревети, со што ќе се зголеми капацитетот (значи, тоа е нешто најбрзо што може да биде да кажам). А на вториот кат ќе има уште 20-ина геријатриски кревети, меѓутоа планирана е и операциона сала со четири кревети за интензивна и 12 кревети за постинтензивна нега за пациенти со гангрена – појасни таа. 

Со тоа, истакна, ќе се реши проблемот во земјата со пациентите со гангрена.

– Сите хируршки одделенија во Македонија ќе бидат ослободени од пациенти со гангрена затоа што, знаеме – ако се влезе со гангрена во сала, тогаш два дена таа сала мора да се исфрли од употреба, да се исчисти, за да дојде следен пациент. Е, сега, откога ќе се направи овој центар, бидејќи гангрената е елективна проблематика, ќе може да се договара сето тоа, сите пациенти да добијат благовремено услуга, а за сметка на тоа сите други хируршки болници во Македонија ќе може рутински да си ја работат онаа работа што им е предвидена – истакна таа.

Додаде дека се надева оти следната средба овде ќе биде на поставување камен-темелник за изградба на центарот.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4