Connect with us

Вести

Муцунски: ЕУ останува централната оска на нашата надворешна политика, но процесот мора да се темели на критериуми, а не на билатерализација

Ако треба да ја сумирам надворешната политика во изминатите две години, тоа би било во три збора, а тие се: достоинство, резултати и визија – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред Комисијата за надворешна политика во Собранието. 

– Достоинство – затоа што националниот интерес не се брани со агресивна реторика, туку со јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност. Резултати – затоа што граѓаните со право очекуваат надворешната политика да носи видлива корист: инвестиции, безбедност, работни места, полесно патување и поголем углед во светот. Визија – затоа што државата мора да знае каде сака да биде за пет, десет и дваесет години. Не смееме само да реагираме на туѓи агенди. Мора да имаме сопствена – истакна Муцунски пред пратениците. 

Министерот посочи дека владите и партиските состави се менуваат, но дека државата, граѓаните и националниот интерес останува и затоа надворешната политика мора да биде простор на национално единство, а не арена за партиски поени.

– Повикувам на одговорна дебата и на критика кога е потребна. Но повикувам и на консензус кога се брани државата. Нашата задача е Македонија да биде почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана земја. Земја што не чека другите да ја дефинираат – туку самата ја пишува својата приказна. Земја што ги штити своите граѓани, ги почитува своите обврски и знае да ги брани своите интереси – рече Муцунски.

Во своето експозе тој истакна дека малите држави како нашата не може да си дозволат луксуз на хаос дома кога настапуваат пред светот. – Кога нè слушаат во Брисел, во Вашингтон, во Атина или Софија – мораме да говориме со еден глас за најважните прашања. Не за сите. Но за оние оние што ја определуваат судбината на државата немаме луксуз за конфликт – рече Муцунски. 

Периодот 2024 – 2026 година, како што рече, го обележа важна трансформација на нашата дипломатија. Со преземањето на надлежностите за надворешна трговија Министерството доби нова улога – и нова одговорност и денес тоа не е само институција за политичка комуникација со странство, туку, вели, центар за координација на меѓународниот настап на државата: политички, економски, трговски, инвестициски и развоен.

– Затоа што современата дипломатија не се мери со бројот на средби, туку со тоа дали тие средби носат инвестиции, работни места, енергетска сигурност, нови пазари и поголем углед. Дипломатијата мора да отвора врати за македонските компании, да гради партнерства за инфраструктура, да привлекува технологии и да ја позиционира земјата онаму каде што се носат одлуките – рече Муцунски. 

Министерот потенцира дека европската интеграција останува централната оска на нашата надворешна политика, но дека нашиот пристап е јасен: Европската Унија не смее да биде само далечна политичка цел, туку дека таа мора да биде процес што носи конкретни придобивки за граѓаните – уште денес.

– Во изминатиот период водевме интензивен политички дијалог со институциите на ЕУ и со земјите членки. Со јасна цел – да ја објасниме нашата позиција, да ја афирмираме реформската агенда и да побараме фер, предвидлив и меритократски пристап кон нашето пристапување. Нашата порака е принципиелна: сакаме да напредуваме врз основа на резултати, а не врз основа на политички условувања, кои се менуваат од година на година. Сакаме европски критериуми, правила и предвидливост. Тоа не е барање за попуст. Тоа е барање за правда – рече Муцунски.

Во тој контекст, посочи тој, завршувањето на клучните документи, патоказите и акцискиот план за малцинства претставува важен чекор кон отворањето на Кластерот 1. Работевме на постепена интеграција во политиките на Унијата, на искористување на планот за раст за Западен Балкан и на приближување кон единствениот пазар.

– Еден конкретен пример: приклучувањето кон СЕПА – Единствената област за плаќање во евра. Можеби звучи технички. Но за граѓаните и компаниите значи поевтини, побрзи и поедноставни трансакции со цела Европа. Тоа е европската интеграција онаква каква треба да биде – не апстрактна фраза, туку реална, опиплива корист – рече тој. 

Особено го истакна партнерството за безбедност и одбрана со ЕУ. – По потпишувањето во ноември 2024, во 2025 го одржавме и првиот дијалог за безбедност и одбрана. Тоа е суштински исчекор. Државата повеќе не е само кандидат кој чека. Таа е партнер што придонесува – рече Муцунски. 

Паралелно, како што рече, продолживме со 100 % усогласеност со зсаедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. – И не случајно – надворешната политика останува една од највисоко оценетите области во извештаите на Европската комисија. Тоа е признание за нашата геополитичка јасност и за нашата способност да бидеме кредибилен европски партнер – рече министерот за надворешни работи.

Истовремено, посочи тој, склучивме два значајни договори за стратешко партнерство со Обединетото Кралство, договор за стратешка соработка со Унгарија, а набргу се очекува склучување ваков договор и со Хрватска. Во однос на договорот со Хрватска, најави дека набргу ќе патува во Загреб на разговори за договорот со нив, како и дека се очекува премиерот на оваа земја да дојде во посета на нашата земја и да биде потпишан овој стратешки договор. 

Во однос на стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, рече дека средбите со американската администрација, вклучително и со државниот секретар Марко Рубио, ја потврдија заемната определба за реактивирање и продлабочување на стратешкиот дијалог.

– Одржувањето на неговата втора сесија на 7 април 2026 во Вашингтон беше значаен политички момент. Станавме прва европска држава, која реализира ваков дијалог во рамките на мандатот на актуелната администрација. Но уште поважно – отворивме конкретни можности: во енергетиката, инвестициите, дигиталната инфраструктура, кибербезбедноста и трговијата – рече Муцунски.

Иницијативите за американски течен природен гас, разговорите за критични минерали, соработката во кибербезбедноста, процесите за Global Entry и Visa Waiver – сето ова, нагласи тој, покажува јасна насока дека нашето партнерство со САД не е само политичко, туку тоа е безбедносно, економско и граѓанско партнерство.

Нашето членство во НАТО, потенцира Муцунски, останува еден од столбовите на националната безбедност. – Ја исполнивме целта од 2 % од БДП за одбрана и поставивме јасна проекција за понатамошно зголемување. Тоа не го правиме затоа што некој ни наредил. Тоа го правиме затоа што безбедноста има цена, а небезбедноста има уште поголема – рече министерот. 

Западен Балкан, нагласи тој, останува регион во кој стабилноста не смее да се зема здраво за готово и нашата позиција во НАТО е важна – за нас, за соседството и за пошироката евро-атлантска безбедност.

Зборувајќи за регионалната соработка, Муцунски рече дека нашите односи со соседите ги градиме врз три принципи: дијалог, почитување и конкретни проекти, дека не бегаме од отворените прашања, но одбиваме да бидеме заробеници на реторика што не носи ништо за граѓаните.

– Со Грција бележиме позитивна динамика во економијата, енергетиката и инфраструктурата. Гасната интерконекција, Коридорот 10, нафтоводот Солун – Скопје, граничниот премин Маркова Нога – тоа се проекти што создаваат реални придобивки за реални луѓе – рече тој. 

Со Бугарија, рече Муцунски, односите се предизвикувачки, но нашиот пристап останува конструктивен – и принципиелен. – Подготвени сме за дијалог во добра верба. Но, исто така должни сме да кажеме јасно: европскиот процес мора да се темели на критериуми, а не на билатерализација. Коридорот 8 и железничкото поврзување се проекти од стратешко значење – не само за нас и за Бугарија туку за целиот регион, за НАТО и за Европа – рече министерот за надворешни работи. 

Со сите наши партнери, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Хрватска, Словенија, Романија, Турција и другите, додаде министерот, работиме на продлабочување на политичката, економската и на инфраструктурната соработка. – Нашата цел е регионот да биде простор на поврзување, а не линија на поделби. Мост кон Европа, а не нејзина периферија – рече Муцунски. 

Во своето експозе пред пратениците министерот рече дека во мултилатералната дипломатија државата ги зајакна и видливоста и кредибилитетот.

– Активно учествуваме во ОН, ОБСЕ, Советот на Европа, франкофонијата и во другите меѓународни организации. Затворањето на постмониторинг-процедурата во Советот на Европа не е мала работа. Тоа е потврда дека државата напредува – во демократијата, во владеењето на правото, во човековите права и во добрососедските односи. Нашето копретседавање со регионалниот форум за одржлив развој на UNECE во Женева покажа нешто важно: и мала држава може да има видлива улога кога настапува сериозно, подготвено и со јасни приоритети – рече Муцунски. 

Според него, во економската дипломатија направивме важен концепциски пресврт.

– Надворешната трговија, инвестициите, извозот и промоцијата на економските потенцијали повеќе не се споредна тема. Тие се составен дел од секоја сериозна средба. Го промовиравме nearshoring како реална предност – географска близина до ЕУ, конкурентни услови, стабилна макроекономска рамка и работна сила со потенцијал. Работиме и на современа правна рамка за скрининг на странските директни инвестиции затоа што инвестициите се добредојдени, но националниот интерес мора да биде заштитен. Отвореност – да. Наивност – не – рече Муцунски. 

Истовремено, го прошируваме хоризонтот кон Блискиот Исток, Заливот, Африка, Азија, Австралија и Латинска Америка.

Дијаспората, потенцира министерот, е посебен дел од нашата државна приказна и затоа се подготвува нова стратегија за соработка со дијаспората 2026 – 2030.

– Целта е дијаспората да биде поврзана со развојот на државата преку инвестиции, знаење, мрежи, култура, јазик и поддршка на младите – рече Муцунски. 

Во конзуларното работење фокусот се става на граѓанинот. – Лекувањето на повредените по пожарот во Кочани, евакуацијата на над 650 наши државјани од кризни региони, проширувањето на конзуларните услуги, дигитализацијата – сè тоа испраќа една порака: дипломатијата не е само протокол. Дипломатијата е служба – додаде тој. 

МНРиМТ работеше и на професионализација на дипломатско-конзуларната мрежа.

– Измените во Законот за надворешните работи, определбата најмалку 50 % од шефовите на мисии да бидат професионални дипломати, продолжувањето на мандатите, подобрувањето на условите за работа – сето тоа е дел од поширока логика. Државата мора да има професионална, мотивирана и модерна дипломатска служба. Дипломатијата не се гради само на импровизација и личен ентузијазам. Таа мора да има систем, институционална меморија, знаење, дисциплина и јасна стратегија – рече Муцунски. 

На седницата на Комисијата за надворешна политика министерот одговара на прашања на пратениците.

Маркетинг
Ad 1
Ad 3